Светулки во ноќта

Содржина

Топла летна ноќ.

Јакне лирска мелодија од шеесетите. Светлосниот круг го открива Пеачот. Пред микрофон ја пее мелодијата. Светлото се гасне. Се појавува најнапред една, потоа втора и трета светулка. Ведар детски кикот. Во длабочињата се појавуваат момче и девојче. ДЕВОЈЧЕТО: Фати ми една светулка!

МОМЧЕТО: Шо ќе ти ја?

ДЕВОЈЧЕТО: Ќе ја стаам на чело.

МОМЧЕТО: И после?

ДЕВОЈЧЕТО: После ќе играме брканица.

МОМЧЕТО: Ноќе е.

ДЕВОЈЧЕТО: Ако. Ќе знам дека си тука, по светулката на чело. И нема више да биде темно. Ќе биде различно. Све ќе биде поубаво.

Светлото полека гасне. Остануваат да тлеат две светулки во ноќта. Јакне мелодијата.

Се појавуваат нови и во тактот на балетската клавирска музика што се примешува, се мрдаат лево-десно. Тоа се девојчиња во бели балетски костими, исто така со светулки на челата. Изведуваат движења за разигрување.

 

КОРЕПЕТИТОРКАТА: …и – ен’два три, ен’два три!…

 

Се слуша далечен, женски…

 

ГЛАС: Панче, Панче! Сине, стана ли?

 

Се појавува едно момче облечено во пижами во риги, со мрежа на залижаната коса.

Светлото се демфува на оваа…но се отвора на другата страна.

Нови светулки се претвораат во Старец кој се враќа од пазар.

 

ВЕЛОСИПЕДИСТОТ: Чувааај!

 

СТАРЕЦОТ: (Вика зад него) Шо праиш бе, суртук. Ќе ме убиеше на лице-место. Слепец! Ајван низаеден!

 

ГЛАСОТ: Панче, сине, ајде мајка, стануј!

 

Панче се врти и забележува што се случува…Велосипедистот застанува. Прави непристоен гест, брзо го врти велосипедот и шмугнува. Старчето викајќи трча зад него. Светлото гасне и тие, одново се претвораат во светулки што се оддалечуваат.

 

Панче оди на друго место. Таму, една светулка се претвора во човек со мустаки и незапалена цигара во устата. Бара оган за цигарата по џебовите и при тоа префрла еден пиштол од надворешниот во внатрешниот џеб. Од каде што вади чакмак и шумно припалува.

Испушта облак чад и пак се претвора во светулка.

 

ГЛАСОТ: (Понервозно) Панче, Панче!

 

Панче на другата страна ја забележува……светулката што се претвора во Корепетиторката која поминува.

 

ПАНЧЕ: Оља!

 

Таа се врти. Панче застанува пред неа. Таа го гледа.

 

ВЕСНИКАРОТ: Е’о “Борба”, “Политика”,”Но’а Ма-акедонија”!…”Борба”…

 

Весникарот заминува, со поглед упатен кон љубовниот пар. Панче патетично ја вади мрежата од глава, ја фрла на земја се доближува и решително ја прегрнува. Таа им се препушта на неговите милувања.

Пејачот пред микрофонот, продолжувајќи да ја пее нежната песна.