Welcome to our company

Заборав

„Заборав“, 2023

Кон романот „ЗАБОРАВ“ на Томислав Османли

ВРЕМЕ НА АМНЕЗИИ

                Новата драма на цивилизацијата (една од  по­ве­ќето) се вика заборав. Тоа е феномен подеднакво вгнез­­ден во сите нејзини појавни облици, и на макро и на микро план – и во структурите на колективното жи­веењ­е, организирано со (без)бројни обврски и дол­ж­ности и со редуцирани права, и во (без)бројните пое­ди­­нечни, лични животи, како последица и на при­род­­ни­те закономерности, но и како резултат на на­мет­­на­тите, изнасилени, насилнички, налудничави односи што постојат отсекогаш, но кои во нашево време ги добија најдобрите услови за вистинска и целосна експанзија. Заборавањето  е модерен, фено­мен кој ги надминува вообичаените индивидуални, медицин­с­ки рамки, покрај другото, и затоа што веќе е инстру­мент за политичка, за манипулација од (по­)широки раз­мери, вешто вглобена во досегашните, до­волно про­верени и успешни поигрувања и изиг­рувања со и на, безмалку, целото човештво (проце­нтот на веш­ти­те исклучоци е многу мал) Присилните заборави се познати од дамнини, но никогаш немале вакви, речиси безбројни видови и толкави, речиси сеопшти димензии). Дали не­кои современи Маки­ја­вели-теоретичари свесно го осмислиле во некои тај­ни лаборатории за да го одржат и да го поттикнат кон­тинуитетот на ин­т­ригите и заведувањето на ма­си­те за сопствени, иде­о­лошки и материјални цели,  и го вклучиле во досе­гаш­ниот, богат репертоар на манипулации од сека­ков вид, во денешен контекст посебно на моќните профитерски корпорации, како нај­малку насилен и видлив, но затоа мошне ефи­касен, или е  спонтан белег на столетието во кое секој од нас се втиснува, една од неговите суштински ком­поненти по која ќе се препознава, во овој миг и не е сосем важ­но, а со малку поголема слобода би можело да се рече дека има елементи и на едното и на дру­гото… За нас овде е важно што на тој инструмент, на фе­номенот за­боравање во таа смисла укажува (не е ли прв!) нашиот еминентен, раскошен раска­жувач, во случа­јов и есеист и теоретичар, Томислав Ос­манли, во ро­ма­нот  токму за таков наслов.

            Заборавањето, општественото, значи: широ­ко­то, масовно, организирано, промислено забора­ва­ње со цел, со умисла, надоврзано на поединечното, ста­речко и не само старечко заборавање како нека­ков природен процес, но трагично, нехумано, несреќ­но, болно, тажно… е главниот идеен ток на најновиот ро­ман на Османли. Притоа, првото заборавање е из­не­сено во суптилен, зналечки, темелен, богат, тео­рис­ки, есеистички трактат, додека второто низ една дла­бока, драматична, потресна, трагична, честа во на­шиве простори – судбина на едно скопско семеј­с­тво. Првото пленува со широката ерудиција, со кон­циз­ните и прецизни анализи и дефинирања на про­це­сите и посебностите на современите општества, второто нѐ срозува со суровоста и со бездушноста на нашата стварност, на ова поднебје под кое чемреат најголемиот дел од луѓето, од кои насилно, диво, кри­минално, без грам човечност и правичност, се одде­ли­ја идните моќници кои со поддршка на властите го приграбија сиот заеднички имот, прогласувајќи се за луѓе од прв степен.

            Скопјанката м-р Мирјана Контевска на прес­ти­жен берлински универзитет ја подготвува, и ја одб­ранува, докторската дисертација на тема: „Забо­рав­ност – социолошки аспекти на Балканот, на поши­ро­кото европско и универзално милје“. Ја пишува и ја одбранува пред еминентен професор, во вистинска академска средина, наспроти карикатуралната ат­мос­фера и личност кога Тео, еден од скопските лико­ви во романот, го полага и го положува дипломскиот испит на нашиот Медицински факултет. „Заборавот станува својство на современото општество“, му об­јаснува Мирјана на проф. д-р Томас Вајс, а својата ана­ли­за на современите процеси ја почнува со конста­тацијата: „Цивилизацијата на 21 век универ­зал­но се соочува со експанзија на конзервативна регресија, иницирана од страна на корпоративните системи излезени од контрола на неолибералните демок­ра­тии“, за да дообјасни дека станува збор „за политички мотивирана регресија која, со различни средства и процеси, ги ништи владејачките хуманис­тички вред­ностите на слободата, особено во сферата на спон­та­ниот социјален активизам, и ги заменува со масовни фа­воризирања на историски надминати и одново вра­тени вредности.“ Во дисертацијата натаму се наг­ласува дека денес „реалноста се релативизира, а си­му­лакрумот се апсолутизира“, состојба во која „един­ката се потопува преку интернетот и апаратите за креирање виртуелна реалност.“ Испреп­лете­ни­те и сло­жени односи што ги создава неоконзер­вати­виз­мот наспроти неолиберализмот, потоа интервенцио­низмот, глобализмот, загрозувањето на популациите од целиот свет, моќта на елитите… „униполарниот свет по 1989 година“ – во нашиот контекст се битни за­тоа што: „ Заборавот се произведува масовно, на по­ве­ќе начини, со повеќе средства, и во секој актуелен систем на моќ (од САД, преку Велика Британија, сил­ните економии на Европа и Јапонија, сѐ до Русија и Кина). Тој масовно и интернационално, често и гло­бално се дисеминира и згора на сѐ, се наплатува по принципот на интернационална потрошувачка (гле­даност) со печалење хипер профити од најкон­јук­тур­ни­те домени. Хиперкапитализмот на својот врв про­из­ведува различни и глобализирани форми на масо­вен, општествен и индивидуален – заборав. Екстен­зив­­но се произведува заборав на стварноста, од ме­диски влијанија, преку дефокусирања, овозможени враќање на религиозниот конзервативизам на ис­лам­с­киот дел од Истокот во форма на фунда­мен­та­лен, потоа и на радикален ислам… Заборавот има за­дача да го хибернира времето и воспоставената струк­тура на доминација. Тој тоа и го прави со сите средства на моќта наметнувајќи историската регре­сија во сите светски општества.“

Од дијалогот меѓу професорот и кандидатката натаму дознаваме дека светот е влошен, дека излегу­ва од колосеците на цивилизираноста, во општестве­ните науки се вртиме околу дескрипциите, се зани­ма­ваме со последиците, но не се сеќаваме дека се работи за нов феномен, за присилување на заборав. Тој вид присилување ја прави и суштината на секоја смена на власта, да ја избрише, колку што може повеќе, прет­ходната (оваа состојба во мера повеќе од доволна ја имаме искусено и ние, во нашето неголемо, не многу продуктивно, напати и поразувачко, владеење на са­мо­прогласените политички владетели).

Но, Османли чувствува дека е нужно поврзу­вање на општествениот со посебниот, индиви­дуал­ниот, заборав, со неговата „патологија“. Затоа што „во отуѓеното општество се манифестираат сѐ поголем број случаи и на лични заборавања, на индивидуални амнезии. Растечки е бројот на деменциите во меди­цин­ската патологија на индивидуите. Покрај физио­лошките фактори, тука се и стресот, анксиозноста, фе­номенот на осаменоста и на отуѓеноста и како мик­ро социјални, но и социјални фактори на омасову­ва­њето на Алцхајмеровата болест на човештвото денес“.

Дом за стари лица и домот на семејството Пан­кови во Скопје се местата на кои се случува болната, травматична, драма на нашето време (тоа „наше вре­ме“ се токму овие години, во кои грчовито ја живееме недогледната транзиција). Панкови, посебно поста­рите, живеат во двојна стварност и во двоен град. Едната е онаа што штотуку се одвива на сцената, дру­гата е земена од не-многу дамнешните дни, кога сѐ би­ло поинаку. Исто е и со градот;  и тој постои во се­гаш­носта и во фиксираните сеќавања. Дел од лико­вите, мајката на Панче,  страда од медицинска амне­зи­ја; Панче, пак, страда од носталгија по старото вре­ме, од огорченост од новото кое сѐ му зело: егзис­тен­цијата, достоинството, спокојот. Но и младите, сино­вите на Панче и на Верче, живеат во истата двојна, паралелна, стварност. Нив не може да ги одмине гор­чи­ната и непрекинатиот навев од некогашниот жи­вот што непресушно извира од нивниот татко: „Са­каат све това да се забраи. Кој бе сака да ти памти? Но­виве газди? Градоначалнициве? Министриве?! Так­­ви ги поставујат. Нови, некакви, све без памтење. Сите они имаат анестезија… – Амнезија, го поправа Тео… – Да развејат све отпорано. Од нив времето да поч­­нуе. Прошлост да нема, ни згради, ни чаршија, ни бутур, ни спомен, а ако може, ни па наши сеќа’ања. Све у ветер да иде…“ 

Личностите на Османли живеат во затворен свет. Таа затвореност, со која овој негов роман се од­ли­кува во споредба со неговите претходни, стес­нетоста во двата простора, оној на градот, и оној на геријатриската медицинска установа, во фантазиите на јунаците, што се борат со сеќавањето, со заборавот но и со туѓата реалност… создаваат атмосфера на на­мер­но наметната, сугестивна клаустрофобичност, ко­­­ја притоа Османли, како искусен писател, пос­то­јано ја надградува, ја менува, ја динамизира, ѝ дава ко­мични интонации, втори и трети димензии и – под­лабоки значења. Не случајно, тој речиси секаде го ко­ристи сегашното време; имено, токму за да ја изрази положбата на современите луѓе, заробени во него.

Мошне успешно во главниот тек се вклучени приказните за стариот актер (кој на крајот од исклу­чи­телната кариера, токму на последната претстава, го заборава текстот), како и на еден „жител“ на До­мот, најдобриот раскажувач, кој на другите „жители“ им ги пренесува своите спомени за летувањата во Гр­ција, за дружењето со Гркот, кој одеднаш сосем го за­бо­равил грчкиот јазик и почнал да го зборува на­шиот, од егејскомакедонските пре­дели, но и за еден одамна пензиониран странски моќник чија завршна приказна авторот ја открива како залудност на се­која, посебно на воинствената моќ и суета, (и)збри­шани од природното цунами на заборавот и откри­вањето на чистата интима, во која вистинска власт во човека ја има почувствувано љубовта, дури и само еднаш да е.

„Заборав“ е роман за травмите на современа га­­­ле­рија ликови, на „претходната“, но и на „след­ната ге­­нерација“ наши луѓе, заглавени во своите делби, во соништата за богатство, во страстни политизации, во социјални тегоби, во политички фрустрации, и во е­ден дел, остварени желби за заминување оттука, од Скопје или од некој друг град. Тие што остануваат се заталкани, фрустрирани и незадоволни, во некое ту­ѓо време… налик на воз што стои, додека покрај него врви „железничкиот пејзаж“ на животот, но парадок­сал­но, како некој друг воз во движење…

Заглавеноста во сегашноста, обременета со ку­­пови незадоволства, со безизлези, со невесели на­ја­ви, станува главната тема во најновиот роман на Ос­манли, познат по неговиот етички ангажман врз актуелните теми и проблеми на секојдневјето што мнозина меѓу нас жестоко ги притиска. Овој роман ни кажува дека современиот човек останува непод­ви­жен, во време во кое дури и сеќавањата му се одзе­ме­ни или пак тоне во  амнезијата на денеш­ни­цата. Како и ликовите од романот „Заборав“, така и современиот човек трескавично бара подобро место, возрасните и по­добро време за да се смират барем во спомените. Ова отуѓено време и тоа им го одзема. Прагматичната современост до максимум исполнета со егоизам и комерцијализација единката ја забо­ра­ва, пред очи го има мноштвото, пред сѐ како пазарен феномен. Ова е време на многу кризи, пред сѐ морал­ни, но и кризи на меморијата. Зачестените деменции, депресии, алцхај­мери, заборави во однос на минатото за авторот на романот „Заборав“ се симптоми на една сос­тојба која ова извонредно прозно дело ја препоз­на­ва како амнезија на целото општество, не само ло­калното, туку и глобалното.

Како пандан на застојот на станицата на вре­мето што тече надвор од нас се возрасните ликови во чии претстави бизарно, речиси саркастично, ожи­ву­ва едно поинакво минато време. Време на автен­тични, но и на изменети, искривени романтизирани се­ќавања и, најмногу, на заборави. Во овој роман са­ти­рично  и комично до болка, парадираат ликови што се занимаваат со алцхајмеровата болест на совре­ме­носта, луѓе што неа не ја прифаќаат зашто таа ваква каква што е, ним им е сосем туѓа; но и пациенти што страдаат од вистинска деменција, при што во нив­ни­те луцидни интервали проблеснуваат сеќа­ва­ња од некое друго, подобро време. Имајќи го предвид ова време на рекламни симулакруми, авторот на ро­ма­нот „Заборав“ создава необични, гротескни сцени пре­ку  ожи­веаните стари начини на рекламирање; но, дури и тие, со сета нивна наивност, се покажуваат како по­топ­ли и почовечни од студените профитерски елек­трон­с­ки творби и комуникации, од актуелниве хи­пер­­про­дукции главно на испразнети, „редизај­ни­ра­ни“, „кре­и­­рани“, виртуелизирани… лажни слики. Тие се иска­жу­ваат како резултати на едно масовно оту­ѓено, техницистичко и крајно дехуманизирано вре­­ме кое ги турнало во заборав некогаш освоените сло­боди и вредности. Тие спротивставени светови фун­­кцио­нираат како суштина на драмата што вни­мателно, со висока книжевна култура, но и со извон­редни драма­туршки познавања, Османли впечат­ли­во, сугестивно, морално ангажирано, инвентивно и убед­ливо – со спон­тано надградуваниот јазик (пове­ќе­јазичноста како суштински белег) и со бројни сред­с­тва на книжевната постмодерна, вплетени во сло­же­ниот наратив – ја слика тешката слика на свое­то и на на­шево време, како што сме впрочем навикна­ти да ја добиваме во секое негово прозно дело.  

Речиси со сигурност може да се предвиди дека секој читател, по прочитувањето на „Заборав“ ќе се сог­ласи со дијагнозата на Томислав Османли – дека суштината на современата цивилизација се изразува како жестоко сенилно доба, дека ова време, нашево време –  е време на амнезии.

 

Глигор Стојковски