Во издание на „ВиГ Зеница“ деновиве излезе од печат поемата „Бдеења Блажеви“ со поднаслов „Пеења до потомците“ од писателот Томислав Османли. Авторот познат по неговото прозно творештво, за прв пат се јавува со поетска книга. Својата поема Османли ја напиша во чест на стогодишницата од раѓањето на Блаже Конески, темелникот на македонската современа лингвистичка и книжевна култура.
Книгата е проследена со два исклучителни книжевни осврти, едниот од книжевникот Ристо Лазаров и вториот од поетот, критичар и издавач Глигор Стојковски.
„Горчливи пластови има во нашата стварност, осакатени животи, судбини, души“ – пишува Ристо Лазарот во предговорот кон поемата: „Сака пред овој кошмар да се застане храбро, лице в лице. Баш така е застанат поетот, баш така како што му прилега на вистински Потомок на великиот Блаже Конески. Тоа веднаш се препознава низ сиот тек на поемата – дело на вознемирен и загрижен, грижодушен човек и автор. Тој инспиративно, на свој начин, ја расветлува големата, титанска моќ на идејата на Блаже Конески.
„Томислав Османли не можел да избере посоодветен лик во поемата и посоодветен пристап за да ги пренесе своите затемнети (прет)чувства – пишува писателот Глигор Стојковски во својот опсежен книжевен осврт насловен „Тревожен вик“, и додава – Блаже Конески овозможува пробивање во најдлабоките, најсуштинските национални обележја, поетскиот исказ, пак, со ритам наметнат уште во првите стихови и доследно одржан до последните, со благите метафорички преливи, со здржани емотивни и со нагласени мисловни поентирања – создава комплетно поетско дело…“
Лајтмотив на поемата со која се чествува Столетието на Конески, се неговите песни „Татковина“ и „Снег“ кои припаѓаат на два тематски корпуса на големиот македонски лирик. Поемата „Бдеења…“ е посвета, во доба „на неспокои и несоници“ на Конески како најблагороден израз на македонскиот дух чија идеална татковина е јазикот, а лирски израз досегањата на естетската убавина: „Не почивам, а живеам јас/ во белине мугри,/ во јазикот на упорствата и на добрината/ живеам во зборот осончан/ од татковината,/ во радоста од слободата/ во спокојот / од убавината.“ – стои забележано во поемата „Бдеења Блажеви“
Во својот предговор „По патеката на учителот“ книжевникот Ристо Лазаров истакнува: „Едно сум сигурен: уште од прочитот на првиот стих на поемава ‘Бденија Блажеви’ на Томислав Османли, силно ќе почувствувате дека таа е набабрена од животот што го живееме, од стварноста која секој ден нѐ мачи да ја издржиме и поднесеме. Соочени сме со стихови кои треба да се декламираат, на сет глас, со жар!…“. Поемата на Османли, македонскиот книжевен првенец не го чествува пригодно туку ангажирано, фокусирајќи ја, во вид на посланија до потомците, тревожната стварност на времето кое го живееме и остро осврнувајќи се на изневерите на питомите, благородни но и остри посланија оставени како аманети на Конески.
Објавата на поемата во која се чествува столетието на Конески, финансиски ја овозможи Комерцијална банка, а.д. – Скопје, инаку генерален спонзор на дел од активностите за одбележување на годината во која се заокружува првото столетие на Конески.
Книгата може да се купи во книжарниците „Или-или“, „Полица“ и „Литература.мк“ на ул. „Македонија“.
Книгата „Бдеења Блажеви“ е илустрирана со портретот на Конески од истакнатиот сликар Коле Манев. Тоа е портретот кој ги краси просторите на Друштвото на писателите на Македонија, чијшто прв претседател беше токму Блаже Конески.
Во предговорот на новото дело на неуморниот Томислав Османли – „Бдеења Блажеви“, која на читателската публика и ја подарува во годината на јубилејот – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, Глигор Стојковски од ВИГ Зеница, издавач на книгата, го напиша следново:
Како толкупати во мачните времиња, а такви биле безмалку сите во жилавата живеачка, кога ќе сетел закана, а ја сеќавал дениноќ, од година во година, од поколение во поколение – народот, македонскиот народ, се засолнувал во песната. Во песната што ја пеел на својот јазик, што ја пеел или говорел, што ја говореле и младите и старите, и жените и мажите. Се засолнувал, се храбрел, опстојувал со избраните создавани во песните, ги повикувал да застанат пред суровоста, пред злото, пред бесчесноста, пред црните чуми…
Восхитувачки е тој порив, тоа истенчено чувство и за одбрана и за убавина; зашто песните, тие песни – со бескрајот само можат да се мерат!
Глигор Стојковски
Ете, како во тие, мрачни, времиња – и денес, во денешново, во ова време што не толку одамна го сметавме за идно – значи време во кое песните ќе пееја за љубовта, за полетот, за игра со деца … повторно се накрева, трепери тревожниот глас од дамнешниот пев… Се случува ли нешто? Се случува ли нешто драматично, страшно? Ни се повторува ли злата коб, уште што ја памети живото жарје, запретано во пепелта на стивнатите огништа на куќите градени со камен и со меките зборови на мајките…
Бездруго!
Во нашите сегашни живеалишта, меѓу нас, во нас – се вовира / се вовре! – нов неспокој. Ни скипна сонот – ѐ час за тревога, за будење!
Томислав Османли, од поодамна растревожен, непрекинато преку своите дела ни го пренесува својот немир, неговите сетила од поодамна ги регистрираа(т) разорните бранови под нашите нозе, на парчето земја за кое толку копнежливо и таговно пееја поетите – нашите, чии имиња сме сите ние, сите наши имиња. Тие се – или: можеби: беа!? Заминуваат ли и тие во овој виор на налудничаво поништување на сѐ што е/ што било – најчист предел на нивната свест, на честа и достоинството! На нашата свест, на нашите чест и достоинство? На сегашните.
Неспокоен, загрижен, исплашен – гневен! – Томислав Османли овојпат, на почетокот на третата деценија од дваесет и првиот – по сите книжевни текстови што ги објави по „Дваесет и првиот“ – со страста на непомирливите, на неуморните, на неотстапливите – го повикува Поетот во кого е втиснато вековното слово, и кој и самиот го втисна, самоуверено, едноставно и непогрешливо, македонскиот збор во песната проста, но строга – песната-порта од столетни дабје што треба да крепи пред (не)видливата наезда. Османли е вчудовиден од леснотијата со која се растура домот, од кусогледоста на оние кои го растураат, но и на оние го прифаќаат тоа разнебитување – таа занеменост пред разорните бранови студ и мрак му стежнува и на Поетот, на Првиот меѓу првите чиј препознатлив глас станува Новата песна, чистото ветре што треба да освежи и да оснажи.
Блаже Конески!
До 1993-та и со својата појава, со своето физичко присуство меѓу нас, со кроткиот чекор и со уште покроткиот збор со којшто поучуваше и опоменуваше, а од 1993-та со епохалното дело со години што го создаваше и што ни го остави – со песните, со Граматиката и со Историјата на македонскиот јазик, со студиите за македонскиот литературен јазик и за неговите сподвижници – Крсте Мисирков, Ѓорѓи Пулевски, Кирил Пејчиновиќ, Григор Прличев, Марко Цепенков… За Кочо Рацин!
Блаже Конески! – лирската биографија на македонскиот народ.
Се случуваше мошне често, но денес како повеќе од кога било, строгата и проста песна да се исправа пред виулиците, пред новите невремиња, пред снеможеноста… И пак – да укаже, да покаже, дури и да осуди… Стана потреба, ни стана неопходна за да подзастанеме, да се погледнеме, да се соземеме. Се говорат песните, се сознава вистината, простата и строга вистина… „’Везилка’ и ‘Тешкото’ одамна се влезени во нашата колективна меморија…“ Но и „Молитва“, песната за накажаните и болните, за пророците и пороците… за тегобната, за тажната слика на сите времиња.
И на нашево. Денес. Кај нас.
Со намножени пророци, со наталожени пороци…
Томислав Османли го вика, го буди… го разбудува во нас – Блажета Конески.
Во неговата поема, во Бдеења Блажеви, со која тој суверено влегува и во поезијата – Блаже Конески крикнува: Разбуден сум во вас! „Нашето време се карактеризира со нарасната потреба од предвидувања“ ; нашево време небаре е времето што го предвидуваше/што го предвиде Поетот, налик на ножот, наострен , веќе забоден во градите. Денес треба да се констатира, да се тргне црниот прав што (пре)долго ни го фрлаат во очи намножените „намерници и праматари“, натрапници од најдолен сој, осилени, безглаво заитани во длабоките празнини на сопственото постоење. Треба да се отстрани црната скрама за да се покаже пустошот – оној што досега се создаваше, овој сега што се создава и оној наскоро што ќе се создаде. Треба да се бдее, да бдееме – над себеси, за себе: Бдеењето Блажево нѐ повикува и обврзува. Блаже Конески нѐ повикува, несмирен и по толку есени починка, по едно столетие меѓу нас.
Томислав Османли
Томислав Османли не можел да избере посоодветен лик во поемата и посоодветен пристап – за да ги пренесе своите затемнети (прет)чувства. Блаже Конески овозможува пробивање во најдлабоките, најсуштинските национални обележја, поетскиот исказ, пак, со ритам наметнат уште во првите стихови и доследно одржан до последните, со благите метафорички преливи, со здржани да се оддели од Блаже Конески! Или како што вели самиот тој во хоризонтот на Османли – „јазикот роден/ никогаш не го давав/ од милоста негова секогаш бев воден“. Овде авторот е на трагата на она што самиот Конески го вели во есејот „За македонската литература“, имено: „Тоа е чувството на интимен допир со јазичната материја, чувството на податливост на јазикот, би рекол дури – на онаа галовност на говорот што нѐ обзема во својата полнота“ . Тие „галовност“ и „полнота“ на македонскиот јазик можеа да ги почувствуваат сите кои имаа можност да го слушаат, или, уште, подобро, да разговараат со Блаже Конески, но можат и денес и во сите идни времиња нив да ги почувствуваат во неговите студии, есеи, научни трактати, во препевите, расказите и – особено – во неговата поезија. Како да станува збор за онаа остра интуиција , синтагма со која Конески го објаснува чувството на Мисирков за менталната состојба на македонскиот народ („во превирање“), но која сосем соодветствува на неговото чувствување на јазикот. – Таква сроденост, такво единство, таква целина – нема да се повторат! И токму таа сроденост, тоа единство, таа целина – спокојно и самоуверено ги запираат „бабарите“, ги држат доволно далеку, за нив нема, тие немаат, оружје со кое ќе можат да ги поништат!
Кон таква сеопфатност тежнее и Османли во своeтo поетско дело: стварноста секогаш и секаде е комплексна, многуслојна, сложена; таква е и нашата сегашна стварност, дополнително стежната од бројните внатрешни и надворешни конвулзии, толку што отворено се наѕираат сериозни закани. За да стане сосем видлив пустинскиот пејзаж што го создава новово време, поточно: неговите сурови, сирови и кусогледи протагонисти – Османли мошне често ни ја приложува сликата на не-толку далечното кога на ова парче земја беше сѐ поинаку, кога луѓето и животот не се мереа само и само со парите и нивната моќ, редовно збогатувани и со политичкото праматарство и фарисејство, постапка што ја применува, со задоволство ја повторува и ја забогатува и во своите други дела – прозните и драмските. На Блаже Конески, симбол и на скромноста, на човечноста, на работливоста, на почитта кон другите… на редица доблести исто устремени кон висините на неговиот научен и поетски лик – тој му ги принесува тажните сцени, предизвикувајќи и кај него ист очај, ист гнев, ист вик, ист крик за будење и соземање, за освестување и запирање пред работ. Домот е толку многу растурен, искраден, веќе претворен во Содом и Гомор, „бабарите“ се безмилосни, „загадија сѐ/ и предел и душа“… Но направија уште нешто што, се чини, најмногу здоболува: иселувањето, заминувањето на младите; тие не можат да виреат во таква средина, а не можат ниту да ја изменат; тагата што го обзема Поетот е огромна, „болката силно гргна… посилно од судбината… дури и од смртта, зашто само по себе му доаѓа прашањето – „вопросот страшен“ – „колку ли по новава мразна зима / нас, господи, наскоро ќе нѐ има?“
Зима, снег и студ – е амбиентот, не особено пријатен; во него (не)свесно ги живееме драматичните закани; се чини не сме свесни ниту за студот, можеби повеќе не го ни чувствуваме, заледени во себе, заледени околу себе, препуштени на ветриштата… Но Разбудениот во нас гласно порачува: „Потомче, стапи смело….“
Повик по одважност, по будење, налик на будењето по кое повикуваше и Рацин и на кое се повикува и Блаже Конески, кој живее „во белине мугри“, повик – да не дозволи „лозјата наши/ некој друг… да ни ги крои“ и – особено – не смее „песната да ни се сотре“! – Песната со која е роден, што ја пее и говори овој народ, што ја напиша токму Блаже Конески, песната – другиот збор за убавината, восхитот, за раскошното живеалиште.
Томислав Османли во годината на стоте години од раѓањето на Блаже Конески на своите бројни читатели, на сета јавност им нуди поетски текст во кого уште еднаш, едноставно, прецизно и убедливо, ја отсликува суровоста на нашата реалност. Но, менувајќи ја формата на книжевниот израз, отвора пред себе нов простор, ја зголемува сугестивноста, ефектот е значително поголем. Ставајќи го Блаже Конески во центарот на поемата, неговата комплетна личност, ставајќи ги во неговата близина и Рацин и Миладиновци, Османли не само што не може, туку безмалку свесно настојува да се чувствуваат благи навеви од нивните песни, низ алузии, низ ритамот, низ лексиката… низ нивното чувствување на поезијата и на животот. Оттаму и благата носталгична исповед, потсетувањето и на говорот и ôдот, на питомоста и на трпкоста на виното, но пред сѐ, на мудроста, на големата животна мудрост на човекот за кого Петре Андреевски во 1993-та, на денот на заминувањето на Блаже од овој свет рече: „Дај Боже секои сто години да ни се раѓа по еден Блаже!“.
Глигор Стојковски
Рецензија
(Томислав Османли: „Бдеења Блажеви“ – Скопје, „Зеница“ 2021)
Атанас Вангелов
Поемата „Бдеења Блажеви“ е, на прв поглед, неочекуван лирски излет на истакнат прозаист со разностран, впечатлив и богат уметнички опус, добитник на престижната наградата роман на годината („Дваесет и првиот“, 2009) на веќе згаснатиот „Утрински весник.“ Велам на прв поглед затоа што разликата меѓу поезијата и прозата е разлика по степен, не по природа.
Мошне добро го покажа и докажа тоа прозаистот Венко Андоновски, едно од надзвучните имиња на нашата модерна проза. Во својата учена расправа „Зошто најубавите песни на Конески се долги“ (1998), тој во детали ја изложи наративната структура на поемата „Марков Манастир“, која, меѓутоа, наоѓа „свој начин“ да остварува лирски ефекти од најчист вид и од највисок интензитет. Се повикувам на таа учена расправа од Андоновски како добра потврда за тоа дека јазикот на лириката не е и не може да биде некоја тајна за добар прозаист, како што јазикот на прозата не е и не може да тајна за добар поет. Во согласност со тоа, оној веќе спомнат „излет“ на Османли во зоната поезија ни од далеку не е тоа. Се работи, според мене, за некој вид интензивно чувство што еволуирало во јасна мисла и свест дека клучните пораки од еден импозантен лирски опус (каков што е оној на Конески) бараат лирски еквивалент во мислата и гласот на оној што воспоставил интимна, жива и животворна врска со нив. А дека е во прашање такво, интензивно чувство што мора да стане мисла за да може да се изнесе и пренесе, зборува јасно почетокот на поемата „Бдеења Блажеви.“ Тој почеток е видлива (и добра!) комбинација од два кратки описа.
Првиот опис зборува за лириката на Конески („пееше питомо и блажено“), која, според лирското претчувство на Османли, мора да е во непосредна врска со неговото име: „ко името што му навестува.“ Вториот опис зборува за времето (историја) во кое се јавува и обликува лириката на големиот поет на „Везилка“ и „Тешкото.“ Тоа време е дволико како и секоја „победа.“ Секоја победа е дволика (според Конески) затоа што буди во себеси ’ркулец на пораз. Ете зошто пее тој, според Османли, „питомо и блажено“, но и диво и горко истовремено. Има „стари беспокои,“ но и уште постари „изневери“ во неговото пеење.
По тие два описа се наведува, in extenso, песната „Татковина“ на Конески, која датира од неговиот завршен лирски период. Има важна експликација за таа песна, која, по контраст, се поврзува со поемата „Ракување“ на Конески, која била напишана во драматичен период (1952) за нашата татковина. Драматичен, затоа што, според зборовите на Конески, тоа било време кога било „доведено во прашање“ сè што било замисла, копнеж и дело на една егзалтирана генерација, наследници на славните илинденски „аскети преки“ за кои Конески зборува во својот сонет „Девственици.“ Во поемата „Ракување“ поетите Кочо Рацин и Коле Неделковски расправаат за тоа на кој начин да ѝ се даде „слободен облик на татковината.“ Во песната „Татковина“ од завршниот период на Конески се јавува еден, така да се рече, подголтнат (уште подобро, задавен) бес што јасно звучи од пораката што гласи: „До кај што сум ја пренесол својата љубов,/дотаму е мојата татковина./ А вие, еј!/ На што сте смислиле да ја сведете!?
Ќе биде, можеби, за некого чудно и необично, меѓутоа, мене никако не ме напушта мислата дека бујната, бурна и бунтовна дикција на Османли, која е, истовремено и укор, и осуда, и клетва, и кротка, и горка исповед истовремено потекнува од оној гневен извик „А вие,еј!“, кој го има својот вербален еквивалент во прашањето: „На што сте смислиле да ја сведете!?“ А кои се тие „вие“ на кои им се обраќа огорчениот поет на „Татковина“? Тие се, според Османли, „новите варвари“; „немили намерници/ бездушни, блудни/; тие се оние што „на себе и сал на блиските нивни мислат (блага модификација на „Лажни пророци“); тие се оние што „им се смеат в лице/ на скромноста […] и на честа.“
Има и многу други детали во поемата на Османли што функционираат било како алузија, било како модификација, било како цитат (смисловен или звучен) од впечатливи места (поенти) на лирскиот опус на Конески. Знам дека сум должен туку да објаснам што подразбирам под звучен, а што под смисловен цитат што ѝ дава (во прв ред звучниот) некој вид персонален печат на поемата на Османли. Сепак, при овој повод, нема да се задржувам на тоа, секако, важно прашање, за да обрнам внимание на нешто друго.
Од техничка гледна точка, поемата на Османли на убедлив начин го користи искуството на Конески од поемата „Ракување“ во која ги препознаваме гласовите на поетите Рацин и Неделковски, иако не нè напушта мислата дека е тоа сепак глас на Конески. По истиот начин, „жално ем пално“, зборува Конески во поројниот лирски излив во поемата „Бдеења…“ на Османли иако сме наполно свесни дека е тоа лирски глас на истакнат прозаист. Ете зошто јас мислам дека поемата на Османли по енергија, мисла и стил може да се спореди со поемата „Ракување“ на Конески. Мислам уште дека таа споредба на свој начин зборува и за уметничката вредност на поемата „Бдеења Блажеви.“
(Кон поемата ,,Бденија Блажеви“ на Томислав Османли, во издание на „Виг Зеница“)
Едно сум сигурен: уште од прочитот на првиот стих на поемава ,,Бденија Блажеви“ на Томислав Османли, силно ќе почувствувате дека таа е набабрена од животот што го живееме, од стварноста која секој ден нѐ мачи да ја издржиме и поднесеме. Соочени сме со стихови кои треба да се декламираат, на сет глас, со жар! Ова е силен одговор на ветвите литературоведи, знајни автори на блескави анализи, кои застанале кај сознанието дека поезијата (треба да) ги следи само духовните откритија и дека од поезијата треба да биде само поезија. А времето, а стварноста, а просторот? Сетики, тоа не се само ситни иверки расфрлани под обелискот на поезијата. Може ли без нив? Во пластовите на животот е клучот на сознанијата наследеното и она што го оставаме во наследство. Свесни дека секоја земја без кадарни потомци на претходниците е како суварка без корен, нужно е (јасно и гласно, напати дури и тревожно) обраќање кон потомците – да го вардат наследеното и да чекорат напред, знаејќи дека визијата не е само за во песна. Од времето во кое живееме нема бегање, нема затворање на очите и преправање пред оние кои сакаат да ни го оладат кафето.
Османли стои пред големото платно на историјата, на кое се испреплетени и наследствата и она што ќе треба да се сочува и да се пренесе на други следни наследници и храбро ја раздиплува маката на минатото во аманетот (на Блаже Конески) даден на идните поколенија во кои се вгнездиле гадинки од кои мир се нема: зошто ли народов/останува буден? Или зошто при очи некои народни главатари се прават слепи и раздаваат мамки дека нема околу нас немили намерници/бездушни и блудни?
Играта со човечките судбини/е играње со духот на еден народ – вели во поемата авторот Томислав Османли. Таквата игра не ја гледаме на детските игралишта или спортските борилишта, ами во дипломатските салони: нивната цена е опстанокот на духот на народот. А ако духот стане постојано ежење од страв, каква ли ќе биде борбата за опстој на духот? Каде е крајот, каде се движи, каде ли ќе најде утока брзотекот на разбеснетата понорница која директно, како игла влегува во мислата со недобројни прашалници за смислата на животот? Што ако не може да се најде утоката? Каде меѓу двете времиња (Блажевото и на потомците негови) низ планините заробени во магла? Како да се осветли свеста за иднината? Има времиња кога тоа е ептен лесно, ако судбината не ве пикне во времињата, сегашни, претоварени со лажни вртежи, со намерно неозначени или уште понамерно погрешно означени насоки. Поемата на Османли упорно и истрајно, несомнено страствено, е втурната по суштината и смислата на новото време. Со лажни поверители и лажни ветувања потпрени на нечисти пари не се отвораат портите на вистинската иднина. На поетот му останува да се праша го знае ли својот долг, но и пркосно да отсече дека поезијата не му е должна никому, најмалку на оние кои мислат дека иднината им е од Бога дадена, а нечистите пари со мака ги спечалиле.
Затоа поетскиот одговор е полн со зборови што остро боцкаат, зборови што лажните поверители ги удираат право в чело, зборови родени во жарот на гневот на еден народ, зборови безмилосни заштитници на духот, на сопствениот дух, зборовите Блажеви и на неговите претци и на уште подалечните претци, кои сами си го препознаваат својот дух и светата обврска тој да се сочува од новите варвари и нови изроди/прематари грозни. Опирачки зборови, на сет глас, крикови дури, да је чујат на далеку, како татнеж на вековите. Опирачки зборови за плановите за поделба на народот, оти сал поделен народ може да слуша дека иднината е рајска градина, зборови што фрчат низ ушите на додворувачките суварки: не барајќи ништо друго, ни повеќе ни помалку, само народот да си е бесмртен орач/на испостенава нива.
И сето тоа испеано во еден чудесен, кохерентен ритам ретко виден во современите македонски поеми. Стиховите течат како надојдена река, која забрзано и снажно ги прескокнува бигорните камени, храбро, машки се движи низ свиоци и темнини. Кога се чита во себе оваа поема како да се декламира. Неодминлив е впечатокот дека поемата е пишувана во еден здив, како еден спастрен излив од душата – за душата, со свест дека молчењето е јалово и води кон натамошно распарчување на стварноста, молкома. Впрочем, стварноста не создадена од шарени цвеќиња; во неа сега има повеќе шарени лаги. Горчливи пластови има во нашата стварност, осакатени животи, судбини, души. Сака пред овој кошмар да се застане храбро, лице в лице. Баш така е застанат поетот, баш така како што му прилега на вистински Потомок на великиот Блаже Конески. Тоа веднаш се препознава низ сиот тек на поемата – дело на вознемирен и загрижен, грижодушен човек и автор. Тој инспиративно, на свој начин, ја расветлува големата, титанска моќ на идејата на Блаже Конески. Со длабока приврзаност и почит, со чувство дека денес, секој збор изговорен на македонски, каде и да е во светот, е искрено оддолжување на човекот кој нѐ научи никогаш да не заборавиме дека јазикот ни е судбина и татковина.
Оваа книга излегува од печат во слава на стогодишнината на Блаже Конески, великан кој, ете, цел век ги крепи темелите на македонскиот дух, кој неразнишливо ја зацврсти моќта и вечноста на македонската идеја. Некој беше рекол дека вечните нешта се движат околу нас заедно и со минливоста, та некој мора да ги раздвои, просто да се знае што е што. На потомците Блажеви, Османли им пренесува тежок аманет: да не се изгуби допирот со сопственото и идно време, всушност – допирот со себеси. Сеедно што понекогаш ќе заврнат тешки дождови, вистинските Потомци никогаш не скршнуваат од патеката на Учителот. Тој севезден ги поттикнуваше со симпатии да го примаат она што како духовна вредност со создава во нашата средина, без никакво чувство на инфериорност.
Осврт на Ристо Лазаров
Д-р АНА МАРТИНОСКА: „КОНЕСКИ КАКО НАСЛЕДСТВО И
КАКО ОБВРСКА – За современите автори во дијалог со
творештвото на Блаже Конески, во чест на јубилејот сто
години од неговото раѓање) “, објавено во CONTEXT /
КОНТЕКСТ 24/2021 – Списание за компаративна книжевност
и културолошкo истражувањe; одломка од текстот
посветена на поемата „БДЕЕЊА БЛАЖЕВИ (Посланија до
потомците)“ – стр. 9-10
(…)
Меѓу мноштвото поетски подароци за поетот овојпат малку повеќе ќе се задржиме на најновата продукција, имено на годинава објавената поема „Бдеења Блажеви – пеења до потомците“ (Скопје: Виг Зеница, 2021) од Томислав Османли, прва поетска книга на овој признаен прозен и драмски автор. „Поемата на Османли, македонскиот книжевен првенец не го чествува пригодно туку ангажирано, фокусирајќи ја, во вид на
посланија до потомците, тревожната стварност на времето кое го живееме и остро осврнувајќи се на изневерите на питомите, благородни, но и остри посланија оставени како аманети на Конески.“ (https://www.mkd.mk/…/poema-od-tomislav-osmanli-vo-chest…) Во тој контекст на ангажирано писмо, обраќањето на Османли кон Конески е всушност беседа за сè најголемо и најзначајно што имаме, и прецизно лоцирано, тоа е допир со себеси, сопствениот идентитет, сопствениот јазик, со сопствената култура. Конески е наследството кое треба да го чуваме, но и повеќе од тоа, тој е наша обврска да бидеме кадарни наследници да ги исполниме заветите кои ни ги остави, за да можеме и ние еден ден да им ги оставиме на идните генерации. „На потомците Блажеви, Османли им пренесува тежок аманет: да не се изгуби допирот со сопственото и идно време, всушност – допирот со себеси. Сеедно што понекогаш ќе заврнат тешки дождови, вистинските Потомци никогаш не скршнуваат од патеката на Учителот.“ (Лазаров, 2021: 7)
Ваквиот однос кон Конески, во поемата на Османли е поставен во дијалошка форма наспроти две култни песни од два тематски корпуси на Конески – „Татковина“ и „Снег“, присутни во поемата на ниво на цитат. Преку нив Османли сака да покаже каков бил односот на Конески кон комплексните времиња на неспокој и предизвиците кои тие ги носеле, па во својот поетски одговор ги повикува потомците да не чекаат некое ветување за подобро време, туку да не дозволат некој да си подигрува со нивните судбини и со духот на народот. Иако неименувани, тие „непријатели“ се прецизно насликани, тоа се оние лажливи, закрвени, божемно богољубиви, оние кои го делат народот, заинтересирани само за парите. Тие се „Варвари нови и изроди, / прематари грозни, / Потомче, / ви го освојуваат векот / грабаат што ќе стигнат, посегаат дури по она / секому од вас што му е свето. / На продажба ставаат сè: / спомените, книгите, / ликовите претшествени светли / ги бришат бездушно од сеќавањата, / ги метат ко со ронкарски метли, / та за имоти, за моќ и за пари, / за купишта безвредни ствари / продаваат бесрамно сè – / јазикот и татковината / светоста на сеќавањето / смислата на убавината!“ (Османли 2021 : 19) Искрено до болка, жестоко и гневно, Османли растревожено укажува на младите што ни заминуваат и ситнењето на нацијата, па порачува да се истапи смело, да се видат нештата појасно, да се зачува јазикот како наша вечна татковина. Посебно го болат новите напади, „одново сакаат да нè измислуваат / Намерници, прематари, пазарџии, / скудни во дух, без образ, ништовни во делото / завиени во шајачни сни за богатство / мачно спечалено од нас, целото / што ќе ги стекнат со уцена / оти така они го распродаваат / лесно, под секоја цена.“ (Османли 2021 : 42-43) Загрижен за иднината на Македонија, Османли остава отворени прашања за иднината на јазикот македонски и сите други јазици во земјава, за иднината на народот како Луѓе, а не припадници на племиња. „Неспокоен, загрижен, исплашен – гневен! – Томислав Османли овојпат, на почетокот на третата деценија од дваесет и првиот – по сите книжевни текстови што ги објави по „Дваесет и првиот“ – со страста на непомирливите, на неуморните, на неотстапливите – го повикува Поетот во кого е втиснато вековното слово, и кој и самиот го втисна, самоуверено, едноставно и непогрешливо, македонскиот збор во песната проста, но строга – песната-порта од столетни дабје што треба да крепи пред (не)видливата наезда. Османли е вчудовиден од леснотијата со која се растура домот, од кусогледоста на оние кои го растураат, но и на оние што го прифаќаат тоа разнебитување – таа занеменост пред разорните бранови студ и мрак му стежнува и на Поетот, на Првиот меѓу првите чиј препознатлив глас станува Новата песна, чистото ветре што треба да освежи и да оснажи. Блаже Конески!“ (Стојковски 2021: 49)
(…)