Welcome to our company

Виолета Џолева

Богат театарски опус…

 

Виолета Џолева (1951, Скопје) дипломирала театарска режија на Академијата за театар, филм, радио и ТВ во Белград, на класата на истакнатиот проф. Вјекослав Африќ. Својата дипломска претстава “Хенрик ИВ” од Луиџи Пирандело ја работеше во Драмскиот театар во Скопје во 1974 година. Две години подоцна заминува за Сараево кадешто станува постојан режисер на познатиот “Камерен театар 55”.

Во периодот од 1976 до 1980 година работи како хонорарен асистент по режија на проф.Јосип Лешиќ, при катедрата за Театрологија на Филозофскиот факултет во Сараев/.

Од Мај 1992 одново живее во Скопје и работи како театарски и ТВ режисер, реализирајќи поголем број авторски емиси: документарни продукции, преноси, студиски емисии главно од културата и творечки портрети.

Интересирањето за драмската уметност и театарот кај Виолета Џолева се јавува мошне рано. Веднаш по Земјотресот, во 1964 година таа станува член на Детската радио драма, потоа и на познатата аматерска театарска група “Кактус”. За време на студиите, по покана од проф.Мирослав Беловиќ, асистира во неговите претстави “За кого бијат камбаните” и “Мр. Долар” во Југословенско драмско позориште.

По враќањето од студии, во Скопје Џолева го адаптира изборот од македонски самовилски песни и со група млади актери ја создава претставата “Димна Јуда град градила”, со кој се отвори Малата сцена на МНТ и која учествуваше на многу фестивали, при што од Сараевски МЕСС го понесе “Златниот лавров венец”. Набрзо стана лауреат и на младинската награда “Млад борец”.

До сега Џолева реализирала околу 40 театарски претстави како во Македонијата, така и на повеќе сцени во тогашна Југославија. Меѓу нив побележити се: “Андрокле и лавот” од Бернард Шо, “Хај-фај” од Горан Стефановски, претстава која освои три големи награди на Фестивалот на професионалните театри на БиХ, “Мацедонише цуштенде” од Јордан Плевнеш, која ја доби големата награда за најдобра претстава во БиХ, “Кој се плаши од Вирџинија Вулф” на Е.Олби која освои пет награди на театарскиот фестивал на БиХ, “Колапс” од З.Топчиќ, со која ја доби наградата за режија на Фестивалот во БиХ, “Пем” од Мрожек прогласена за најдобра претстава на Србија на игрите “Јоаким Вуиќ”, “Прамен темница” од Лалиќ, која доби награда за колективна игра и беше играна десет дена во МосСовет театарот во главниот град на Русија.

Од 1990 година Џолева беше уметнички раководител на Академскиот театар “Лола”. Со претставата “Автобус” во нејзина режија овој театар ги освои сите награди на Фестивалот на аматерските театри на БиХ. Во режисертскиот опус на Џолева треба да се спомне и недовршената претстава “Тетовирана ружа” од Тенеси Вилијамс, прекината поради војната во Босна.

Одново враќајќи се во Скопје, Џолева ги работи “Дамите од Аламо” на Пол Зиндел, “Слугинки” од Жан Жене’, потоа мошне забележаниот авторски проект “Девински манастрир-Гор јаболко”. Нејзини најнови театарски проекти се “Александар Велики” од Расин и “Двајца во Еден” од Томислав Османли, поставувајќи ја сега неговата пиеса “Светулки во ноќта” како фестивалска премиера на Скопско лето ’97.

Виолета Џолева покрај сцените во Скопје и Сараево, до сега режирала и во Мостар, Зеница, Љубљана, Приштина, Куманово, Струмица, Велес…