Димитрие Османли
- Дома
- Димитрие Османли
ДИМИТРИЕ ОСМАНЛИ
Доајен на Македонската режија
Пред 51. година, поточно на 12 март 1952., во битолскиот Народен театар се одржа првата дипломска претстава во Македонија, со која Димитрие Османли, тогашен студент на белградската Театарска академија ја одржа премиерата на комедијата “Ѓаволштините на Скапен” од Молиер и го положи високообразовниот испит по режија со одличен успех. Со тој академски старт токму во битолскиот театар започна една богата театарска и мултимедијална режисерска биографија…
Димитрие Османли (Битола, 29 мај 1927 – Скопје, 13 март 2006) е истакнат македонски театарски, филмски и телевизиски режисер и педагог. Негова авторска особеност е богатиот, паралелен и континуиран мултимедијален творечки опус остварен во доменот на сите жанрови и дисциплини на филмското, телевизиското и радио-драмското творештво.
Османли продуктивно работи и на театарски план: Тој е автор на режиите на повеќе од 80 театарски претстави од различни епохи и жанрови (меѓу кои и на првиот антички автор – Плаут, на првиот Крлежа, Лопе Де Вега, Мариво, итн. на македонската театарска сцена).
Својата уметничка кариера ја започнува во Битолскиот театар, кадешто најнапред остварил десетина разни улоги како член на актерскиот ансамбл, почнувајќи од 28. ноември 1944., па се до септември 1946 година. Потоа, на истата сцена, во текот на својата полувековна уметничка работа, режираше 13 театарски проекти.
Како амблематска претстава на македонската сцена воопшто, се смета неговата режија на пиесата “Ана Франк” (1957) остварена во драмата на МНТ. Подоцна, своите интересирања и огромна енергија ги насочува кон комедијата кадешто покажува стилско и жанровско мајсторство, речиси во сите видови на комедиографското творештво, поставувајќи дела од сите комедиографски видови и епохи, од Плаут, преку Шекспир, Бомарше, Нушиќ, Мајкл Фрејн или Фадил Хаџиќ. Особено впечатливо е новото читање на провокативната пиеса “Народен пратеник” од Бранислав Нушиќ (поставена во МНТ 1993), што согледувајќи ја и реализирајќи ја како политичка сатира, инспиративно изразена низ дуалистичките драмски и стилски кодови на филмската бурлеска, неодамна ја одбележа својата 150-та изведба. Градени низ еден комуникативен стил, претставите на Димитрие Османли достигнуваат парадигматична гледаност: неговата акварелска режија на битовата комедија “Свадба” од Васил Иљоски беше изведена над 250 пати, додека водвиљот “Болва во уво” е континуирано најдолго играната македонска театарска претстава што салонот на Драмскиот театар го полнеше дури 18 театарски сезони со над 350 изведби.
Со реализацијата на филмот “Мирно лето” (1961) станува и првиот македонски режисер на игран филм, а воедно и автор на првата македонска филмска комедија. Следат неговите играни филмови: “Мементо” (1967), филмската драма “Жед” (1971) и фарсата “Ангели на отпад” (1995) кој во јуни 1998 година доживеа свечена проекција во организација на прочуениот “Американски филмски институт” (АFI) во Националното кино на Кенеди центарот во Вашингтон, на дводневната програма насовена “Македонскиот режисер Димитрие Османли, лично”.
Маркантни успеси, овој разнороден автор покажува и во доменот на кусометражното и документаристичко филмско творештво. За својот документарец “Дванаесетте од Папарадник” во 1966 година Османли на македонската кинематографија за прв пат и’ ја донесува главната награда освоена на белградскиот мартовски филмски фестивал. На својот инспиратор Милтон Манаки му се реваншира со еден исклучителен филмски запис, култната репортажа посветена на нашиот филмски пионер и неговата работа со легендарната “камера 300”, чии сцени, и до денешен ден, често се користат во низа документарни филмови, ТВ емисии и спотови.
Режисер е на две филмски работени телевизиски серии “Морава” (за ТВ Белград) и “Илинден” (за ТВ Скопје), како и на поголем број ТВ филмови и драми (повеќето работени за Македонската телевизија, две за белградското студио и една за Полската телевизија Катовице). Инаку, Османли е автор и на првата снимена македонска ТВ драма “Домот на мојот татко” и автор на првиот македонски ТВ игран филм “Враќање во рајот” (1967). За реализацијата на ТВ филмот “Скопски сновиденија” на југословенскиот фестивал на телевизиското творештво 1989 година му беше доделена Награда за режија.
Д.Османли ги потпишал режиите и на голем број радио-драмски дела, на мултимедијални сценски проекти, како и на театарски претстави за деца и млади.
Автор е на опсежното, стручно и педагошки инструктивно издание “Екселенции, мирно! – Филм во книга”, излезено од печат во 1994 година.
Димитрие Османли беше избран за прв декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, и редовен професор по предметите Актерска игра и Интермедијално творештво со историја на филмот. Како шеф на класа и катедра, на мултимедиската сцена изведе 5. генерации македонски актери.
Добитник е на бројни уметнички и општествени награди, одличја и признанија, меѓу кои и на Наградите “13. Ноември”, како и на “11. октомври” и “Војдан Чернодрински” за животно дело.