„Заборав“, 2023
Кон романот „ЗАБОРАВ“ на Томислав Османли
ВРЕМЕ НА АМНЕЗИИ
Новата драма на цивилизацијата (една од повеќето) се вика заборав. Тоа е феномен подеднакво вгнезден во сите нејзини појавни облици, и на макро и на микро план – и во структурите на колективното живеење, организирано со (без)бројни обврски и должности и со редуцирани права, и во (без)бројните поединечни, лични животи, како последица и на природните закономерности, но и како резултат на наметнатите, изнасилени, насилнички, налудничави односи што постојат отсекогаш, но кои во нашево време ги добија најдобрите услови за вистинска и целосна експанзија. Заборавањето е модерен, феномен кој ги надминува вообичаените индивидуални, медицински рамки, покрај другото, и затоа што веќе е инструмент за политичка, за манипулација од (по)широки размери, вешто вглобена во досегашните, доволно проверени и успешни поигрувања и изигрувања со и на, безмалку, целото човештво (процентот на вештите исклучоци е многу мал) Присилните заборави се познати од дамнини, но никогаш немале вакви, речиси безбројни видови и толкави, речиси сеопшти димензии). Дали некои современи Макијавели-теоретичари свесно го осмислиле во некои тајни лаборатории за да го одржат и да го поттикнат континуитетот на интригите и заведувањето на масите за сопствени, идеолошки и материјални цели, и го вклучиле во досегашниот, богат репертоар на манипулации од секаков вид, во денешен контекст посебно на моќните профитерски корпорации, како најмалку насилен и видлив, но затоа мошне ефикасен, или е спонтан белег на столетието во кое секој од нас се втиснува, една од неговите суштински компоненти по која ќе се препознава, во овој миг и не е сосем важно, а со малку поголема слобода би можело да се рече дека има елементи и на едното и на другото… За нас овде е важно што на тој инструмент, на феноменот заборавање во таа смисла укажува (не е ли прв!) нашиот еминентен, раскошен раскажувач, во случајов и есеист и теоретичар, Томислав Османли, во романот токму за таков наслов.
Заборавањето, општественото, значи: широкото, масовно, организирано, промислено заборавање со цел, со умисла, надоврзано на поединечното, старечко и не само старечко заборавање како некаков природен процес, но трагично, нехумано, несреќно, болно, тажно… е главниот идеен ток на најновиот роман на Османли. Притоа, првото заборавање е изнесено во суптилен, зналечки, темелен, богат, теориски, есеистички трактат, додека второто низ една длабока, драматична, потресна, трагична, честа во нашиве простори – судбина на едно скопско семејство. Првото пленува со широката ерудиција, со концизните и прецизни анализи и дефинирања на процесите и посебностите на современите општества, второто нѐ срозува со суровоста и со бездушноста на нашата стварност, на ова поднебје под кое чемреат најголемиот дел од луѓето, од кои насилно, диво, криминално, без грам човечност и правичност, се одделија идните моќници кои со поддршка на властите го приграбија сиот заеднички имот, прогласувајќи се за луѓе од прв степен.
Скопјанката м-р Мирјана Контевска на престижен берлински универзитет ја подготвува, и ја одбранува, докторската дисертација на тема: „Заборавност – социолошки аспекти на Балканот, на поширокото европско и универзално милје“. Ја пишува и ја одбранува пред еминентен професор, во вистинска академска средина, наспроти карикатуралната атмосфера и личност кога Тео, еден од скопските ликови во романот, го полага и го положува дипломскиот испит на нашиот Медицински факултет. „Заборавот станува својство на современото општество“, му објаснува Мирјана на проф. д-р Томас Вајс, а својата анализа на современите процеси ја почнува со констатацијата: „Цивилизацијата на 21 век универзално се соочува со експанзија на конзервативна регресија, иницирана од страна на корпоративните системи излезени од контрола на неолибералните демократии“, за да дообјасни дека станува збор „за политички мотивирана регресија која, со различни средства и процеси, ги ништи владејачките хуманистички вредностите на слободата, особено во сферата на спонтаниот социјален активизам, и ги заменува со масовни фаворизирања на историски надминати и одново вратени вредности.“ Во дисертацијата натаму се нагласува дека денес „реалноста се релативизира, а симулакрумот се апсолутизира“, состојба во која „единката се потопува преку интернетот и апаратите за креирање виртуелна реалност.“ Испреплетените и сложени односи што ги создава неоконзервативизмот наспроти неолиберализмот, потоа интервенционизмот, глобализмот, загрозувањето на популациите од целиот свет, моќта на елитите… „униполарниот свет по 1989 година“ – во нашиот контекст се битни затоа што: „ Заборавот се произведува масовно, на повеќе начини, со повеќе средства, и во секој актуелен систем на моќ (од САД, преку Велика Британија, силните економии на Европа и Јапонија, сѐ до Русија и Кина). Тој масовно и интернационално, често и глобално се дисеминира и згора на сѐ, се наплатува по принципот на интернационална потрошувачка (гледаност) со печалење хипер профити од најконјуктурните домени. Хиперкапитализмот на својот врв произведува различни и глобализирани форми на масовен, општествен и индивидуален – заборав. Екстензивно се произведува заборав на стварноста, од медиски влијанија, преку дефокусирања, овозможени враќање на религиозниот конзервативизам на исламскиот дел од Истокот во форма на фундаментален, потоа и на радикален ислам… Заборавот има задача да го хибернира времето и воспоставената структура на доминација. Тој тоа и го прави со сите средства на моќта наметнувајќи историската регресија во сите светски општества.“
Од дијалогот меѓу професорот и кандидатката натаму дознаваме дека светот е влошен, дека излегува од колосеците на цивилизираноста, во општествените науки се вртиме околу дескрипциите, се занимаваме со последиците, но не се сеќаваме дека се работи за нов феномен, за присилување на заборав. Тој вид присилување ја прави и суштината на секоја смена на власта, да ја избрише, колку што може повеќе, претходната (оваа состојба во мера повеќе од доволна ја имаме искусено и ние, во нашето неголемо, не многу продуктивно, напати и поразувачко, владеење на самопрогласените политички владетели).
Но, Османли чувствува дека е нужно поврзување на општествениот со посебниот, индивидуалниот, заборав, со неговата „патологија“. Затоа што „во отуѓеното општество се манифестираат сѐ поголем број случаи и на лични заборавања, на индивидуални амнезии. Растечки е бројот на деменциите во медицинската патологија на индивидуите. Покрај физиолошките фактори, тука се и стресот, анксиозноста, феноменот на осаменоста и на отуѓеноста и како микро социјални, но и социјални фактори на омасовувањето на Алцхајмеровата болест на човештвото денес“.
Дом за стари лица и домот на семејството Панкови во Скопје се местата на кои се случува болната, травматична, драма на нашето време (тоа „наше време“ се токму овие години, во кои грчовито ја живееме недогледната транзиција). Панкови, посебно постарите, живеат во двојна стварност и во двоен град. Едната е онаа што штотуку се одвива на сцената, другата е земена од не-многу дамнешните дни, кога сѐ било поинаку. Исто е и со градот; и тој постои во сегашноста и во фиксираните сеќавања. Дел од ликовите, мајката на Панче, страда од медицинска амнезија; Панче, пак, страда од носталгија по старото време, од огорченост од новото кое сѐ му зело: егзистенцијата, достоинството, спокојот. Но и младите, синовите на Панче и на Верче, живеат во истата двојна, паралелна, стварност. Нив не може да ги одмине горчината и непрекинатиот навев од некогашниот живот што непресушно извира од нивниот татко: „Сакаат све това да се забраи. Кој бе сака да ти памти? Новиве газди? Градоначалнициве? Министриве?! Такви ги поставујат. Нови, некакви, све без памтење. Сите они имаат анестезија… – Амнезија, го поправа Тео… – Да развејат све отпорано. Од нив времето да почнуе. Прошлост да нема, ни згради, ни чаршија, ни бутур, ни спомен, а ако може, ни па наши сеќа’ања. Све у ветер да иде…“
Личностите на Османли живеат во затворен свет. Таа затвореност, со која овој негов роман се одликува во споредба со неговите претходни, стеснетоста во двата простора, оној на градот, и оној на геријатриската медицинска установа, во фантазиите на јунаците, што се борат со сеќавањето, со заборавот но и со туѓата реалност… создаваат атмосфера на намерно наметната, сугестивна клаустрофобичност, која притоа Османли, како искусен писател, постојано ја надградува, ја менува, ја динамизира, ѝ дава комични интонации, втори и трети димензии и – подлабоки значења. Не случајно, тој речиси секаде го користи сегашното време; имено, токму за да ја изрази положбата на современите луѓе, заробени во него.
Мошне успешно во главниот тек се вклучени приказните за стариот актер (кој на крајот од исклучителната кариера, токму на последната претстава, го заборава текстот), како и на еден „жител“ на Домот, најдобриот раскажувач, кој на другите „жители“ им ги пренесува своите спомени за летувањата во Грција, за дружењето со Гркот, кој одеднаш сосем го заборавил грчкиот јазик и почнал да го зборува нашиот, од егејскомакедонските предели, но и за еден одамна пензиониран странски моќник чија завршна приказна авторот ја открива како залудност на секоја, посебно на воинствената моќ и суета, (и)збришани од природното цунами на заборавот и откривањето на чистата интима, во која вистинска власт во човека ја има почувствувано љубовта, дури и само еднаш да е.
„Заборав“ е роман за травмите на современа галерија ликови, на „претходната“, но и на „следната генерација“ наши луѓе, заглавени во своите делби, во соништата за богатство, во страстни политизации, во социјални тегоби, во политички фрустрации, и во еден дел, остварени желби за заминување оттука, од Скопје или од некој друг град. Тие што остануваат се заталкани, фрустрирани и незадоволни, во некое туѓо време… налик на воз што стои, додека покрај него врви „железничкиот пејзаж“ на животот, но парадоксално, како некој друг воз во движење…
Заглавеноста во сегашноста, обременета со купови незадоволства, со безизлези, со невесели најави, станува главната тема во најновиот роман на Османли, познат по неговиот етички ангажман врз актуелните теми и проблеми на секојдневјето што мнозина меѓу нас жестоко ги притиска. Овој роман ни кажува дека современиот човек останува неподвижен, во време во кое дури и сеќавањата му се одземени или пак тоне во амнезијата на денешницата. Како и ликовите од романот „Заборав“, така и современиот човек трескавично бара подобро место, возрасните и подобро време за да се смират барем во спомените. Ова отуѓено време и тоа им го одзема. Прагматичната современост до максимум исполнета со егоизам и комерцијализација единката ја заборава, пред очи го има мноштвото, пред сѐ како пазарен феномен. Ова е време на многу кризи, пред сѐ морални, но и кризи на меморијата. Зачестените деменции, депресии, алцхајмери, заборави во однос на минатото за авторот на романот „Заборав“ се симптоми на една состојба која ова извонредно прозно дело ја препознава како амнезија на целото општество, не само локалното, туку и глобалното.
Како пандан на застојот на станицата на времето што тече надвор од нас се возрасните ликови во чии претстави бизарно, речиси саркастично, оживува едно поинакво минато време. Време на автентични, но и на изменети, искривени романтизирани сеќавања и, најмногу, на заборави. Во овој роман сатирично и комично до болка, парадираат ликови што се занимаваат со алцхајмеровата болест на современоста, луѓе што неа не ја прифаќаат зашто таа ваква каква што е, ним им е сосем туѓа; но и пациенти што страдаат од вистинска деменција, при што во нивните луцидни интервали проблеснуваат сеќавања од некое друго, подобро време. Имајќи го предвид ова време на рекламни симулакруми, авторот на романот „Заборав“ создава необични, гротескни сцени преку оживеаните стари начини на рекламирање; но, дури и тие, со сета нивна наивност, се покажуваат како потопли и почовечни од студените профитерски електронски творби и комуникации, од актуелниве хиперпродукции главно на испразнети, „редизајнирани“, „креирани“, виртуелизирани… лажни слики. Тие се искажуваат како резултати на едно масовно отуѓено, техницистичко и крајно дехуманизирано време кое ги турнало во заборав некогаш освоените слободи и вредности. Тие спротивставени светови функционираат како суштина на драмата што внимателно, со висока книжевна култура, но и со извонредни драматуршки познавања, Османли впечатливо, сугестивно, морално ангажирано, инвентивно и убедливо – со спонтано надградуваниот јазик (повеќејазичноста како суштински белег) и со бројни средства на книжевната постмодерна, вплетени во сложениот наратив – ја слика тешката слика на своето и на нашево време, како што сме впрочем навикнати да ја добиваме во секое негово прозно дело.
Речиси со сигурност може да се предвиди дека секој читател, по прочитувањето на „Заборав“ ќе се согласи со дијагнозата на Томислав Османли – дека суштината на современата цивилизација се изразува како жестоко сенилно доба, дека ова време, нашево време – е време на амнезии.
Глигор Стојковски