Пиеса за Двајца, Месечина и Кукли
Скопје ,1995
Нела
Тото
Принцезата
Шутот
Јулија
– Претставата беше премиерно изведена во декември 1996 година во Народен театар Куманово,
во режија на Виолета Џолева.
– Во април 1997 година во Teatarot John W. Gainse vo Newport News, Вирџинија,
САД во режија на Наум Пановски
Мал театарски дневник
“Двајца во Еден” во Америка
Веќе некаде изјавив дека “Двајца во Еден” е мала пиеса што ми донесе големи авторски сатисфакции. По нејзиното прво и ми се чини единствено “поставување” во стрип, по неговата праизведба во длабоката, рефлексивна режија на Виолета Џолева на сцената на НТ во Куманово, и по првото македонско драмско појавување, токму со “Двајца во Еден”, на светската информатичка мрежа Интернет – една од тие сатисфакции е врзана за нејзиното поставување во театарот “Јохн Њ.Гаинсе” во градот Нјупорт Нјуз во државата Вирџинија, што функционира во рамките на тамошниот универзитет Цристопхер Нењпорт. Втората, и можеби позначајна, е врзана за нејзината презентација на фестивалот Блуе Ридге во Ричмонд, главниот град на истата американска држава. Иако не така често, македонски драмски текстови и до сега биле поставувани на американските сцени. Битната особеност на ова меѓу другите наши драмски претставувања во САД, е веројатно неговото учество и презентација на еден американски театарски фестивал.
Поставувањето на овој текст се врзува со театарската активност на нашиот режисер Наум Пановски кој како професор по драма и историја на театарот, по Далас во државата Тексас, сега предава на спомнатиот универзитет во Нјупорт Нјуз во Вирџинија, кадешто е именуван и за режисер на универзитетскиот театар. Не требаше да чекам долго на одлуката на театарскиот совет на театарот “Јохн Њ.Гаинсе” потпишана од д-р Рита Ц.Хабард, шефот на одделот за уметности и комуникации, за прифаќање на мојата пиеса “Двајца во Еден” и на добивањето на отпечатениот годинашен репертоар на овој театар, насловен “Сезона на смеа и солзи”. Со тоа што “Двајца во Еден” според видувањето на режисерот Наум Пановски требаше да се појави како претстава сместена некаде помеѓу едното и другото одредување, горчлива и тажна едновремено, па сепак како лирска комедија за двајца осаменици што се среќаваат наместо во еден неодреден, пуст парк – во познатиот Централ парк, огромната “градска бавча” на Њујорк.
Идејата не само што самиот ја почувствував, туку и на самата театарска сцена се покажа исклучително продуктивна, зашто ги засилуваше не само текстовните значења врзани за оттуѓеноста и осаменоста, туку и драмските контрасти меѓу реалноста и фукцијата на кои почива текстот на “Двајца во Еден” во кој сцени од “тековниот” живот, но и од некој претходен и чудесно возможен, играат двајца живи актери и – кукли. Така, во видувањето на искучителната сценографка од Романија Смаранда Бранеску, градот се назира низ неговите сиви, матни контури, претставен како театар на сенки, некаде во далечината. Тука под сијалицата и клупата, пред грмушката од трски на чии врвови, од време на време, како чудни светулки во ноќта, засветлуваат роеви сијалици, се случува горчливо-смешната приказна за двајца осаменици што како современ Адам и Ева, го бараат изгубениот рај заталкани длабоко во еден современ несреден парк. Таа дојдена да се самоубие, тој да побара пријател. Двајцата болни од осаменост. Наоѓајќи ја смислата на постоењето во измислувањето на своите сопствени “поинакви” светови…
Njuport Njuz / Нјупорт Нјуз
Премиерните изведби на претставата закажана, веќе според строгите американски стандарди за поставување театарски “продукции”, повеќе од половина година порано, за 4, 5 и 6 април годинава, се одржаа токму тие денови. Самата премиера се случи на 5 април на матичната сцена во извонредниот театар “Јохн Њ.Гаинсе” со 460 места, голема сцена и одлични технички можности и протече во извонредната игра на протагонистите, младиот и шармантен Метју Кокс во ролјата на чудакот Тото и зрелата игра на извонредната Кети Роудс како кукларката Нела.
Полна со лирски тонови и визуелни боења, претставата на Наум ми се стори како акварел на две тажни човечки појави (што меѓусебно бараат утеха) вод ѕвездите. Нежна, јасна, горчливо духовита и комуникативна, претставата ја плени публиката. Како што потем се покажа и на разговорот со публииката кој го водеше шекспирологот д-р Даглас Гордон, самиот драматург на претставата, една исклучителна личност, човек со многу дух и длабоки резони, осврнувајќи се со одбрани зборови на значењата на текстот. Д-р Гордон ме претстави пред публиката како гостион од Македонија, кажувајќи ја при тоа и мојата авторска биографија. Пристапувајќи потем и на претставувањето на уште еден гостин од стариот континент, “од Далмација” како што нагласи, духовито “потсетувајќи” ја публиката дека тоа е оној простор на Јадранското море, кое им е ним познато по филмот “101 далматинец”, еден од хитовите на оваа филмска сезона во Америка.
Така беше претставен уште еден учесник во оваа трибина, човекот што на оваа средба го донесе “европскиот поглед на нештата”, истакнатиот театарски критичар и теоретичар Далибор Форетиќ, од Хрватска. На разговорот, по признанието дека токму оваа претстава го тера да каже дека најмногу го сака театарот со кукли, Форетиќ ги истакна оскарвајлдовските димензии на “Двајца во Еден” споредувајќи го преку мотивот на саможртвата (во бајковниот дел, кога Шутот се обесува за бујно да процвета запустената градина), со расказот “Славејот и розата” од Вајлд. Поттикнат од едно прашање за блискоста на ликот на Тото со јунакот на Хајнрих Бел од неговата позната проза “Погледот на еден кловн”. Форетиќ потоа многу инспирирано зборуваше за идејата на кловнот во европските искуства, враќајки се на интерпретациите на Тото. Одговарајќи на друго прашање самиот зборував за идејата на осменоста како драматска состојба во современата цивилизација. Наум Пановски, со многу шарм и непосредност говореше за неговиот пристап кон тие знаачења во “Двајца во Еден”. Беше тоа една комплетна и незаборавна средба.
Фестивалски настап
Вториот, можеби уште позначаен настан беше прикажувањето на нашата американска претстава на Блу риџ театарскиот фестивал во Ричмонд, центарот на американскиот југот, милионски глад кој пленува со свечениот дух и со својата китнеста убавина. Пред театарската зграда на театарот “Шејфер стрит плејхаус” (Схафер Стреет Плаѕхоусе) во кој се одржуваше нашата – како што тука беше најавена – фестивалска светска премиера, мене и нашата амбасадорка во Вашингтон Љубица Ачевска која љубезно ме придружуваше на оваа американско-македонска културна презентација, не поречекаа двете најзначајни личности на Блу Риџ фестивалот: производниот уметнички директор г. Бев Еплтон и неговиот помошник д-р Кенет Кемпбел, инаку професор на Вирџинија комонвелт универзиотетот, популарниот Би-Си-Ју, кој со неговиот Факултет за прикажувачки уметности всушност е и академското срце на Блуе Ридге Тхеатре Фестивал. Ова беше посебна почест веќе со оглед на тоа дека едновремено, се одржуваа уште шест други претстави. Меѓу сите тие театараски презентации, директорите на Блу Риџ одбраа со присуствои да ја почестат нашата.
Внатре не пречека една здржана фестивалска публика. Пред неа говореше г.Еплтон, претставувајќи не Наум и мене. Публиката составена од режисери, професори, драмски автори, актери, со еден збор главно театарски луѓе со маркантна репутација, претставата ја следеше со големо внимание. Реагирајќи на почетокот поздржано, а потоа, како претставата се отвораше со се поголемо прифаќање, се до самиот нејзин крај. Особено напрегнато, во последната сцена кога тече финалниот дијалог на куклите, двојници на Тото и Нела, во една прекрасна инсценација во која на сцената се појавува густа завеса од магла од кој прво се појавуваат куклите, како далечни јунаци во една нестварна слика што играат под еден сноп светлина што доаѓа одозгора и чудесно се прекршува преку чадот кој речиси застоен споро се расчистува, потоа откривајќи ги и вистинските актери што ги манипулираат куклите. Тивката, драмска музиката на Кокан Димушевски прекрасно ја надополнува атмосферата. Претставата завршува. Пауза. Потоа силен аплауз. Јас здивнувам. Наум ми намигнува. Се е во најдобар ред, како што ќе се покаже и н а разговорот со публиката. Потем и на приемот кадешто ги добивавме честитките и бројните познанства со театарскиот свет на Ричмонд. По завршувањето на разговорот со публиката ги изненадувам пријатно присустните, особено уметничките директори на фестивалот, барајќи збор, искажувајќи им искрена благодарност за уеството на нивниот Фестивал и предавајќи им симболичен подарок на двојазичното, македонско и англиско издание на “Двајца во Еден, во кое е вклопен и стрипот на Александра Сотировски. Еплтон и Кемпбел пристапуваат и ги преземаат книгите со топли аборови на посвета. Искрено се искрено се трогнати.
Претставата на овој фестивал, со уште повеќе публика, играше и наредните два дена. Таа е дел од програмата “Актив 5” во чии рамки се вкрстуваат театарските проекти на пет театри и исто толку земји, покрај Вирџинија од САД и театри и фестивали од Македонија, Унгарија, Моладавија и Романија. Македонското присуство го означи нашиот проект “Двајца во Еден”. Американската размена присутвото на текстовите на четири драмски автори од Вирџинија на Интернационалниот фестивал во Сибиу, Романија. А потоа вкрстувањето на проектите по пат на гостувања на европско тло. Се надевам, и во Македонија на Охридското и Скопско лето.
Еден процес што лично многу ме радува. Зашто ветува дека моите “Двајца во Еден” во режисерското видување на Наум Пановски и неговата прекрасна екипа од Нјупорт Нјуз, ќе продолжи да живее. Низ сцените на европските фестивали ова лето…Има ли поголема сатисфакција за еден драмски автор од тоа неговото дело да продолжи да живее? Како “Двајца во Еден” малата, лирска камерна претстава, што ете донесе толку многу пријатни мигови и сатисфакции не само за мене, туку и за оние што во неа учествуваа. И што оваа пиеса со тек на време, ги опфати и веќе ги претставува: сите оние автори, актери, соработници, цртачи, музички творци, дизајнери што своите богати творечки визии и убаву очекувања ги врза за оваа пиеса. Малечка, и мислам изобилна со своите творечки дарови.
Кренаре Невзати
“Двајца во Еден”, критички одгласи..
Осаменоста, проколнатиот знак
Скопската премиера на претставата “Двајца во Еден”, по текст на Томислав Османли и во режија на Димитрие Османли пиеса досега играна во Куманово и во Њупорт и Ричмонд (САД), две географски и културно крајно различни дестинации, потврди дека ваквите граници се премостуваат преку сличноста на емоционалните одгласи од општочовечките теми загатнати во текстот, барем додека трае магијата на театарот.
Градскиот парк, урбана метафора за Еден , библиска рајска градина загубена поради прародителскиот грев на Адам и Ева е амбиентот во кој низ драмската тензија, Тото и Нела си ги разменуваат проколнатиот залак одгризнат од јаболкото на Сознанието. Еден другому си ја раскажуваат Осаменоста, тоа епохално чувство, како што оценува авторот Томислав Османли. Сонот, “втората димензија” на нивните празни егзистенции, е мензурата на вредностите кои не успеваат да ги споделат. Бруталното будење, реалноста, се одново, секојдневно ги двои од Едното, од заедничкиот сон.
Осаменоста, непознатата во равенката на текстот, режисерот Османли ја решил најсуптилно, со многу децимали зад Целото, фаталната одвоеност на Двајцата. Актерската игра е таа што го шири хоризонтот на минималистичкиот мизансцен, и на моменти мошне директно ги исцртува врз публиката амплитудите на текстот кој ги бележи душевните бранувања на Тото и Нела…
Виктор Шиков
(“Вечер”, 29 мај 1998)
Бајка за осаменоста
Се еднаш завршува…како во бајките, но не оние со среќен крај. Театарската бајка “Двајца во Еден” на сцената на Театарот за деца и младинци има крај, но тој (како и што почнува) е горчлив. Жестоко не вовлекува во на сите нам познатото чувство на осаменоста. Колку и да сме тука, заедно, секој е сам. Особено кукларката Нела и нејзиниот пријател Тото во драмскиот текст на Томислав Османли што сега низ прецизната театарска метафора (која како мисла ја има и во текстот), и прекрасната визуелизација, го поставува на оваа сцена Димитрие Османли.
Станува збор за претстава која функционира на ниво на целовитост: поетско-лирскиот текст за осамноста на човекот – доведено до трагикомичен апсурд, мисловната режија која не тера да се свртиме кон себе со верба во она што е денес (а зошто не и утре), бајковитото сценографско решение на Љубомир Чадиковски што е во точна спрега со режијата, музиката која сето тоа го вклопува во Едно, костимографската функционалност на Александар Ношпал и се заедно “врзано” со кореографските движења на Кренаре Невзати-Кери. (…)
Во крајно визуелизирана театарска атмосфера, тече бајковитата реалност за осаменоста и оттуѓеноста.
“Двајца во Еден”, сега и со оваа верзија е претстава што изнудува чувства (радосни и тажни) што треба да се доживее на лице место: во салонот и од сцената на Театарот за деца и младинци.
Лилјана Мазова
(“Нова Македонија”,ЛИК, 7 мај 1998)
Цената на Еден ЗА ДВАЈЦА
Томислав Османли ни подарува уште една сјајна, мала пиеса: “Двајца во Еден” со поднаслов “Пиеса за двајца, месечина и кукли”. И не случајно поимот на сјајот се сврзува и во овој случај со поимот на малото. Досегашното драмско и прозно искуство на Томислав Османли н# научи да ги бараме сјајните нешта во малите работи. И не склучајно сите драмски текстови на Османли, без разлика да ли станува збор за ТВ, филмско или театарско сценарио, или дури за раскази како во неговата книга “Пеперутката на детството”, го имаат за предмет малиот човек. Големиот мал човек на Османли е негова фиксна идеја, нешто што го окупира неговиот дискурс од почеток до крај, што го управува, моделира, и структурира. Така е и овој пат, врз примерот на овој драмски текст.
Низ пет слики, од кои четирите им припаѓаат на неговите ликови Нела и Тото, а едната на неговите (и на ликовите) кукли – Принцезата и Шутот, на еден минијатурен и минимален текстовен простор, со минимум егзистенти на приказната (ликови и декор), Османли му држи жестока лекција на човештвото: тој опоменува дека не можеме повеќе да се преправаме дека сме среќни, оти сме осамени. Дејството е поставено во еден обичен драмски парк, кој низ драмскиот тек се престорува во во метафора на Еденската градина, од која уште во Генезисот, започнува прогонството на Адам и Ева…
Д-р Венко Андоновски (рецензија 17.05.1995)
Вдахновена пиеса
…”Двајца во Еден” е вдахновена пиеса, со вешто воден дијалог, со прекрасни поетски пасажи, со мисловна задлабоченост. Томислав Османли крајно го рационализира исказот, потојано водејќи сметка за неговата сочност, за нучната драматичност. Тоа на овој текст му дава високи книжевни вредности.
Глигор Стојковски ( рецензија, 25.05.1995)
Приказна за апсурдот
На само 17-тина страници тече оваа приказна на апсурдот. Тече навидум едноставно, вообичаено, дури банално. За вообичаеноста да заврши во уметниковото крешчендо сосредоточено врз распеќата на на човековата егзистенција, на фаталноста на однапред с# определеното, на ужасот на оутѓеноста, на самотијата, на сабичноста. Со доведување на сите овие состојби на духот, авторот всушност до апсурд го отвора она што доаѓа по него – идниот живот никнат врз пеколот на претходниот. Навистина се само 17-тина страници. Но се читаат како 70-тина, како 700-тини. Долго, тешко, суморно. По нив, едноставно, останува неспокојот…
Мирче Томовски (“Пулс”, 14.11.1996)
Над бездната на животот
…Инаку, повеќе нешта ја прават дуодрамата “Двајца во Еден” занимлива и привлечна за гледачот. Прво, што таа е пишувана доста вешто, со убаво чуствување на функцијата на зборот; второ, што се презентирани целовити карактери; трето, што авторот во драмата ни предлага мошне колоритна дијалошка структура, што едновремено значи и добро водење на дијалогот.; четврто, што Томислав Османли успева да се ослободи од сладникавоста на фабулизирањето и од извесен шематизм во обликувањето на ликовите што е секако резултат на познавањето на необичните фини елементи на драматургиската техника.
Еден од најевидентните квалитети на овој драмски текст е авторовото дискретно оперирање со поетските метафори, асоцијации, лирски исповеди, во преавањето на осаменоста и барањето смисла во бесмислата, обликувајќи го и обвиткувајќи го текстот со една превосходно поетска атмосфера…Со еден збор, се соочивме со дуодрама Што е вешто компонирана, со читок драмски ракопис – и што е најважно – со развиен слух за чисти театарски дејства…
Иван Ивановски (“Нова Македонија”, ЛИК, 25.12.1996)
Патоказ за крајот на векот
…Како и “Зоолошката приказна” на Олби, ремек-делото на театарот на апсурдот, “Двајца во Еден” се сместени во градскиот парк, место што во однос на рајскатра градина се смета за “паднато” подеднакво како и денешниот човек во однос на Адам пред изгонот од Рајот и на лесната жена во однос на сопругата/вереницата. Градскиот парк е е, секако, чудно место – трагикомично човечки, сиромашки обид да се симулира божествениот чин на создавањето и на контрола на Природата, ироничен азил за сите што не знаат дали да бегаат од самотијата, или можеби токму кон неа, тој е саркастична и мелодрамска реплика на Рајската градина и на Ноевиот ковчег и, конечно, на гробиштата кадешто веќе и според завршните зборови на драмата “се еднаш завршува”. (…)
Библиските и астролошки, фаталистички конотации на “Двајцата во Рајот”, ја прават книгата старовемена, колку и ултра(пост)модерна.
Владимир В.Голубовиќ, СРЈ (“Борба”)
Двајца во Еден: еден чин љубов
Навлегувајќи во сферите од онаа страна на едноставниот, секојдневен разговор на двајца непознати, текстот се обидува да го искаже сиот патос и трагика на човековата осаменост и оутѓеност. Ова е претстава градена врз текст со длабок мисловен набој кој постојано не тера активно да се навраќаме кон него… Како што и самиот наслов сугерира, драмскиот текст е сконцентриран околу судбината на двајца млади, непознати еден на друг и ставени во еден заеднички простор. Тоа се карактери што имаат разлини филозофски верувања и пристап кон она што се нарекува среќа, као и различно видување кон начинот како таа да се постигне. Нела и Тото намерно приликуваат на современи Ева и Адам, многу повеЌе на оние создадени во Милтоновиот “Изгубен рај” отколку на оние што ги откриваме во оригиналната приказна на Стариот завет…
Џуди Мерсиер, САД (“Нова Македонија”, 23. 04.1997)
Непознат театарски архипелаг
Текстот е во секој поглед универзален и неговите значења лесно можеме да ги препознаеме во секој средина, особено во американската. Неговиот изворен наслов е непреводлива игра на зборови. Тој може да значи “Двајца во еден” и “Двајца во Еден”, што е мошне духовита парафраза на митот за Адам и Ева.
Втората ретка особеност на текстот е во тоа што тој е напишан “за двајца актери и за две кукли”. Кукларската анимација во него е споена со живата игра. Како?…Наместо јаболкото на спознанието, Нела како кукларка на Тото му ја дава најнапред неговата, а потем и својата кукла. Двете живи кукли решаваат, давајќи им живот на мртвите кукли, да побегнат од таа праслика на животот, од ужасната тишина и осаменост во реалноста на приказна, во бајка мошне слична на оскарвајдовиот “Славејот и розата”…
Она што не се во состојба да го сторат куклените луѓе, го прават куклите. Ја остваруваат трагичната катарза: само љубовта искажана во исконската жртва, може на овој свет да му го врати животот во сета негова расцутеност. “
Далибор Форетиќ (“Нови лист”, Сплит, 18.06.1997)
ЧИН ПРВ
(Клупа, под улична сијалица во парк. Ноќ, на небото свети сребрениот месечев срп. Сијалицата е угасната. Под неа, свртена со грбот кон публиката, седи Нела. Шмрка, очигледно плаче.
Пред неа поминува Тото, еден необичен тип кој бара нешто наоколу. Подзастанува и ја погледнува. Потоа излегува од сцената.
Пак се враќа, појавувајќи се зад клупата, поблизу кон публиката)
ТОТО:
Јуле!
(Нела престанува со плачот. Дискретно ја врти главата)
ТОТО:
Јуле, каде си. Ја-јави се, Јулијана!
(Нела погледнува за прв пат погледнува кон него)
ТОТО:
Се из-извинувам, да не видовте тука некаде да помина една та-така малечка, шар-шар-мантна …
(Нела се врти напред и прснува во плач)
ТОТО:
(Изненаден) Ама, чекајте в-ви се молам. Јас не сакав да ве рас-рас… Са-сакав само да ве прашам дали сте ја виделе мојата Јуле. Ја-ја барам веќе саат-два. Знае она така да-да ја дувне и да ми се скрие. Ев-еве пред час време, седев дома, гледав кош-кошарка на телевизорот и пиев сок од боровинки,а сега еве… Знаете мо-морам да пијам сок од боровинки, лекарот вика дека сум страшно слабокрвен. Не-не ми вика мене – на ма-мама. А не-нема врска! Не сум ич слабокрвен. (Пауза) И така… Јуле ми…ми ја спрашти. На пиење. Со-со…сок.
НЕЛА:
(Бришејќи ги очите, тивко) Ги знам таквите. Себични гадови.
ТОТО:
Н-не, се извинувам. Јуле не е себична. М-мераклика е. На шетање. Сло-сло…
НЕЛА:
(Безволно) Слободна.
ТОТО:
Сло-бодољубива!
НЕЛА:
Од слободољубивите страдаат останатите.
ТОТО:
Н-не верувам.
НЕЛА:
Како не. Не ли страдате сега вие?
ТОТО:
К-кој, јас?! Боже пази. Ба-баш ми е пријатно. Си шетам в-вака. По парков. Фино-лепо…
НЕЛА:
…и гледате во секоја грмушка, се вртите на секое шуштење, се загледувате во секоја сенка …
ТОТО:
(Заинтересирано) Е-еј, како знаете?
НЕЛА:
(Се расплачува)
ТОТО:
Н-не, немојте, еве јас веднаш си одам …
(Тото почнува да се повлекува)
НЕЛА:
(Мрмори нешто во плачот)
ТОТО:
(Се подвраќа) Мо-молам?
НЕЛА:
(Низ плач, поразбирливо) Немојте да си одите!
ТОТО:
Ама, како сега! Јас тука, вие плачете, Јуле ја нема. Што ќе речат луѓето?
НЕЛА:
(Низ плач) Нема веќе луѓе!
ТОТО:
Е-е, како нема! Ц’цка. Полно е парови во парков. А оние што доаѓаат сами, тие се па-пазачи.
(Нела зачудено го погледнува)
ТОТО:
(Се сепнува) Н-не. Јас не сум сам. Ја-јас ја барам Јуле. (Се врти, вика) Ју-Јууле! Јулија-а-ана! Јави се бе, срце, м-молим те!
(С# останува така. Нела загледана во него, а тој загледан во празно )
ТОТО:
Ќе си одам.
НЕЛА:
(Се врти на клупата кон него, очигледно сака да го задржи) А, таа… многу ли е млада?
ТОТО:
Е-е-птен.
НЕЛА:
И како изгледа?
ТОТО:
Црна.
НЕЛА:
Мислам дека пак ќе заплачам.
ТОТО:
Јас си одам.
НЕЛА:
Немојте ве молам. Овде е многу страшно.
ТОТО:
Па-па што не си одите и вие?
НЕЛА:
(Плачно шмркнува) И јас барам некого.
ТОТО:
Кого?
НЕЛА:
(Низ нов навев на плачност) Исто како вас!
ТОТО:
И-и и вие ја ба-барате Јулка?
НЕЛА:
Не. Една црна личност. Исто како вас.
ТОТО:
Мол…? Ка-аква личност. Јас не барам личност.
НЕЛА:
Како не? Што барате тогаш.
ТОТО:
Па пуд-лицата на мама.
НЕЛА:
Господине, вие сте безобразен.
ТОТО:
З-зошто, ма!
НЕЛА:
И не сум ви јас никаква “ма”, разбравте! Ме доведувате во заблуда, ме терате да Ве сожалувам, потоа да ви се исповедувам и сето тоа во момент на слабост. А воопшто не ве ни познавам.
ТОТО:
(И’ ја подава раката) Тото! Мислам…Т-ото за пријатели. Инаку, официјално Те-еодор, драго ми е.
НЕЛА:
(По подолга пауза во која ја смирува страста, му ја прифаќа раката, тивко) Антонела, исто така.
ТОТО:
Е-ете. Нема веќе проблеми.
НЕЛА:
Не дека нема…
ТОТО:
…Ми-мислам со запознавањето. Јас не знам зошто луѓето мораат да се за-познаваат. Јас многу сакам да седам и ра-разговарам со непознати. А, вие Анто-нела?
(Седнува на клупата, а таа станува)
НЕЛА:
Може и Нела, Теодоре.
ТОТО:
Е-еј немој Теодор! Подобро е То-тото. Тото за блиски. И ма-мама ме вика То-тото.
НЕЛА:
Јас сум за вас блиска? Па ние едвај и се познаваме.
ТОТО:
Ш-што сега? Па-ак да се запознаваме?
НЕЛА:
(За прв пат се насмевнува) Не. Не мислев тоа. Мислев: ете прв пат ве гледам, а вие така слободно се однесувате. Не мислам да ве навредам.
ТОТО:
Не-ема врска. Јас сум си таков. Ма-ајка ми вика, брзо сум склопувал познанства. Ш-што знам.
НЕЛА:
Имате ли многу пријатели, Тото?
ТОТО:
Ехе-хеј! По-понекогаш не можам да се о-отарасам од нив.
НЕЛА:
Блазе си ви!
ТОТО:
А, ш-што, вие немате!
НЕЛА:
Не.
ТОТО:
Никого?
НЕЛА:
Не.
ТОТО:
Ш-што не? Имате или немате?
НЕЛА:
(Прснува да плаче) Не знаам!…
ТОТО:
Еј, Нела не-не плачете, жити мајка. Пла-ачење не можам ич да поднесам. То-олку го мразам тоа цимолење што во февруари ги бркам и мачките од па-парење. (Ја погледнува) Ка-како тоа не знаеш?
НЕЛА:
До вчера го имав само него…
ТОТО:
Цр-црниот пу-пу…
НЕЛА:
(Нервозно потврдува со главата)
ТОТО:
…пудл?!
НЕЛА:
Каков пудл, бе!
ТОТО:
Па, ја-јас Јулка – пудлица. А ти – машки род од тоа – пудл!
НЕЛА:
(Низ бран од плач) Вереник, Тото! Мене не ме напушти никаков пес. Ме остави вереникот!
ТОТО:
(Студено) То-тоа ти е исто. Ку-уче!
НЕЛА:
Не е Тото. Жими се. Многу беше добар!
ТОТО:
Е, како не. Ко-оклку јас што сум бил ге-енерален директор на парков! Не-нема врска! При-искаски за деца.
НЕЛА:
Ама, тој ме сакаше.
ТОТО:
Те-те и-скористил!
НЕЛА:
Не.
ТОТО:
Те употребил и те от-отфрлил!
НЕЛА:
Не.
ТОТО:
Те излажал. Те злоупотребил. Ка-кај ти е инаку ве-ве… дечкото, а?
НЕЛА:
Ти си ѓубре!
ТОТО:
А-ајде-де!
НЕЛА:
Гад си, ете тоа си!
ТОТО:
(Мирно, познавачки) Ти-ти си овен!
НЕЛА:
А, ти си слон!
ТОТО:
Па-пардон. Тоа го нема во хороскоп!
НЕЛА:
А, тоа! (Исповедно) Не… јас сум риба.
ТОТО:
(Убедено) Нема шанси, срце. О-овен!
НЕЛА:
Од кај знаеш?
ТОТО:
(Одважно) Јас сум ас-астролог и хиромант!
НЕЛА:
Вистина, Тото?
ТОТО:
Е-е не, те лажам! Ги по-ознавам тајните науки. Гле-едам во ѕвездите и на рака.
НЕЛА:
А како ми го погоди хороскопскиот знак?
ТОТО:
(Нерадо) Па, гле-едам и при-приврзоци! (покажува на синџирчето околу нејзиниот врат)
НЕЛА:
(Разочарано) Е, многу си знаел! Тајни науки, лук и вода.
ТОТО:
А, па-пардон! (Значајно) С# е запишано во ѕве-вездите!
НЕЛА:
(Иронично) …а најмногу на приврзоците, нели господине?! (…а потоа со променет тон…) Он… беше риба! На сребрен приврзок.
ТОТО:
Он е би-бик !…
НЕЛА:
(Искрено изненадена, признава) Да. Од кај знаеш ?!
ТОТО:
(С# уште запален) Ми-ислам: вол, говедо, мислам он е сто-ока!
НЕЛА:
Немој така Тото. Јас го сакам.
ТОТО:
Како не. Само стока мо-жела да ти го стори тоа. Ти си страшна женска, Не-нела.
НЕЛА:
Мислиш?
ТОТО:
Еп-ептен.
НЕЛА:
Беше многу нежен со мене, Тото.
ТОТО:
Ех, ја не знам !..
НЕЛА:
Од кај знаеш?
ТОТО:
Па би-бик со овен! Ептен се слага.
НЕЛА:
Мислиш: зашто и двата знака имаат рогови?
ТОТО:
Не, бе Нела. По хо-хороскоп.
НЕЛА:
А, тоа… (молчи и пак плачно) Он ми наби рогови. Со мојата најдобра другарка. Други ми кажуваа за тоа, а јас не сакав да им верувам. С# додека не ги фатив на дело. Сношти. На оваа иста клупа. Им направив скандал. Не знам што с# не & изнареков нејзе!..
ТОТО:
А, не-ему?
НЕЛА:
(Презирно) Него? Него не го ни погледнав! Сакав да го заболи!
ТОТО:
А него, баш го бо-оли, нели! И после, те на-апушти само така?
НЕЛА:
Не! Никако… Пред тоа ми удри шлаканица.
ТОТО:
Ауу!
НЕЛА:
(Нежно) С# уште ја сеќавам неговата рака на образов.
ТОТО:
А, ш-што: то-олку силно те плесна?
НЕЛА:
(Крикнува во плач) Не, бе! Толку многу го сакам!
ТОТО:
А-а, тоа?! Џабе ти е, Нела. Он-он тебе не те заслужува!
НЕЛА:
Знам, ама јас без него не можам. Заедно работевме. Он ми беше шеф.
ТОТО:
Е-еј, ти-ти си се-екретарка?
НЕЛА:
Кукларка.
ТОТО:
Ш-што?!
НЕЛА:
Правам кукли. За театар. Тој е режисер во куклен театар. Знаеш ли колку кукли сум му направила!
ТОТО:
(Воодушевено) Ти си ку-укла, Нела!
НЕЛА:
(Избувнува) Слушај ти, мене не ми требаат ни твоите комплименти, ни твоите додворувања, разбра?
ТОТО:
Ми-мислев, он си поиграл со тебе како со о-обична кукла, Нела. И немој веднаш да се лутиш.
НЕЛА:
Поиграл, тоа… да. А, знаеш ли Тото, колку убаво сме соработувале?…
ТОТО:
Ех!
НЕЛА:
… Тој ме одлепуваше од земја. Додека бев со него живеев како во некоја приказна. Во сите бајки што ги игравме во театарот. Тото, јас во секоја кукла сум внесувала с# од себе. Чесен збор.
ТОТО:
Се-се гледа.
НЕЛА:
Си мислев, направи му ја што можеш поубава. Го заслужува он тоа. Остави во куклата дел од себе. Тој ќе & даде живот. Куклата или ти, сеедно. Тој ве оживува двете.
ТОТО:
Доста, Нела. Не-е можам веќе да те слушам. Тој тебе те уништил, а ти уште и го фалиш. Ти си прав овен, Нела.
НЕЛА:
А ти си стварно слон, Тото. Што сакаш од мене? (Сомничаво го погледнува) Слушај, да не мислиш дека сум некоја евтина женска што шета навечер по парковите и лови машки со плачливи приказни, а!
(Станува и сака да си замине)
(Месечината ја менува светлината. Светлото се намалува и с# се потопува во чуден, синкав сјај. Се слуша шумолкање на лисјата од засилен ветер)
ТОТО:
(Ненадејно, со чуден тон) Ти-ти си принцеза, Не-нела!
(Таа застанува в место. Ја крева главата кон небото. Се врти кон него. Двајцата молчат.)
НЕЛА: Колку чудно с# изгледа. Облак ја покри месечината.
ТОТО:
(Се збунува) Из-извини. Ми-и се испушти.
НЕЛА:
Ти си добар човек Тото. Прости ми.
ТОТО:
(Порасположено) Е-еј, немам што да ти простувам. Нела, тебе ти требаат луѓе. Не смееш сега да бидеш са-сама. Тре-треба да разговараш, да се смееш, да се растеретуваш, Нели.
НЕЛА:
(Со празен поглед) Немам веќе кому, Тото. Сакаш ли да ти признаам зошто дојдов тука?
ТОТО:
За-за да го најдеш не-него и да …
НЕЛА:
(Студено го прекинува) Дојдов да се самоубијам, Тото. Сакам да се обесам. Еве погледи (вади од ташната јаже) Дури го одбрав и дрвото. Ене она дрво таму, под другата сијалица. За да ме најдат побргу. Не сакам премногу да висам. (Пауза, а потоа…) Те лажев, Тото. Не ме остави завчера. Тој замина пред половина година. Тука, на ова место. Ме остави запрепастена на клупава. И не дека имаше друга. Сето тоа го измислив. (Плаче) Зашто сум била ста-ара! Зашто сакал деца, а јас не сум можела да ги имам. Од кај знае он, копиле едно расипано! Од кај знае!
ТОТО:
Не-ла! Ш-што зборуваш, Не-ла!
НЕЛА:
(Се потсетува. Ја фаќа бран од бес) До сега требаше да висам. Ти ме спречи! Еден случаен и изгубен тип. Еден здодевен муабетчија што бара жртви по парков …
ТОТО:
(Збунет) И-извини, не-не сакав!
НЕЛА:
… Ајде, бегај! Оди си сега. Скрши малку муабет, ти помина времето, што сакаш уште? Ете, сега с# дозна. Наместо кошарка на телевизија, виде една акната женска во паркот. Оди, ајде оди си кај мама, оди да нанаш! Можеби и кучката ти се вратила дома. Прибери се дома, пиј сок од боровинки и живејте среќно, вечно и здодевно како во приказните!…
ТОТО:
З-зошто ме навредуваш Нели? Те навредив ли јас те-те-тебе со нешто? А, колку у-баво разговаравме.
(Нела збунета, вон себе, ѕури во него)
ТОТО:
Д-ај ми ја раката, Нели!
(Таа механички му ја подава. Тото & го зема јажето и го става в џеб)
(Месечината одново ја менува бојата. Сцената ја осветлува круг од нестварна сребрена светлина. )
ТОТО:
(И’ ја отвора дланката и се загледува во неа; со изменет тон) Не, ти нема да се обесиш. Ни вечерва, ни било кога. Имаш долга линија на животот. Ти ќе доживееш длабока старост и ќе имаш исполнет живот.
НЕЛА:
Јас вечерва ќе се убијам.
ТОТО:
Не ти е така пишано. Ти го гледам целиот живот. Јасно. Појасно одошто можеш да си помислиш. Мајка ти била кукларка. Татко ти бил актер во куклен театар. На татко ти не се сеќаваш. Ве напуштил брзо по твоето раѓање. Таа умрела рано. Ти си растена сама. Нивните линии се соединуваат. Ти ќе бидеш и едното и другото. И кукларка и актерка. Ќе создадеш прекрасни претстави. Тие ќе те ослободат од судбинските врски. Ќе го растуриш мачниот круг на мајка ти и ќе отвориш свој, нов и убав.
НЕЛА:
Ти не пелтечиш веќе!
(Месечината одново го враќа стариот жолтеникав сјај.)
ТОТО:
(Пак со стариот тон) Ка-како не!
НЕЛА:
(Ја крева главата кон небото) Облакот замина. А ти не пропелтечи ниту еднаш.
ТОТО:
Ми се слу-учува. Ре-етко. Ко-кога ќе се занесам, понекогаш та-ака….
НЕЛА:
И сето тоа што ми го кажа, го пишува тука?
ТОТО:
О-о, многу повеќе.
НЕЛА:
Зошто ме лажеш Тото?
ТОТО:
Зошто не му се одмаздиш, Нела!
НЕЛА:
Јас, нему! Тој ме споулави, Тото. Види ме на што личам. Тој мене ме упропасти, како можам јас нему да му се одмаздам!
ТОТО:
Роди дете, Нела. Не едно, многу деца. Нели те оставил зашто се плашел дека нема да имаш деца. Покажи му, Нела. Одржи му лекција. Да види што се можеш. Направи ја најдобрата куклена претстава. Подобра од било која негова. Сама. Се сама. Нека види, гадот, што изгубил.
НЕЛА:
Не можам да имам деца Тото. Поради него. Ме тераше да ги абортирам. “Што ќе ни се деца, велеше, види колку ги имаме во театарот”. Сега не сум способна да правам деца.
ТОТО:
Прави кукли, Нела. Ним давај им жи-живот!
(Нела ѕури во него. Потоа, замислена, заминува. Се подвраќа.)
НЕЛА:
Тото, ќе се видиме ли пак?
ТОТО:
Ко-кога сакаш, Нели. Јас сум секогаш ту-тука.
(Таа е се уште пренеразена од она што Тото и го кажа. Заминува. Тото седнува на клупата, со грб кон публиката и гледа во младата месечина. Сребрено-сјајниот срп полека одшетува и се губи. На небото трепетливо заблеснуваат ѕвездите. )
ТОТО:
Деница е во Малата кола … А, Јулија се уште ја нема!
(Затемнување)
ЧИН ВТОРИ
(Самрак на румениот хоризонт. До клупата доаѓа Нела. Гледа дека нема никого, а потоа се врти наоколу, барајќи го со поглед. Од другата страна, сиот возбуден, влетува Тото)
ТОТО:
Нела, Јулија се уште не се врати дома!
НЕЛА:
(Со очигледно олеснување) Тото, се плашев дека нема да те најдам.
ТОТО:
(Се уште возбуден, се џари на сите страни) Не можев да не дојдам. Онаа мала несреќа ќе не збудали сите дома. (Кон Нела) Мама зема ап-апчиња за смирување. Притисокот и е пораснат, по цел ден вика, моите пријатели ја смируваат, а сите заедно ја бараме Јулија.
НЕЛА:
Па, како да ти помогнам Тото. Ајде, ајде да ја бараме двајцата. Еве можеме да почнеме од тука…
ТОТО:
(Нервозно врти со главата) Не-не можам веќе. Капнат сум од барање.
(Клапнува на клупата)
НЕЛА:
Жива вода си.
(Вади шамиче од џебот и го брише)
ТОТО:
(Се загледува во неа, пријатно му е) Умрев. Е-еј, дај малку и тука на вра-вратот!
НЕЛА:
(Додека ревносно го брише и на вратот) Тото, сигурен ли си дека куч… пудлата е тука.
ТОТО:
Си-си…Сто посто.
НЕЛА:
Од кај знаеш?
ТОТО:
Пр-прво, секогаш бегала тука. Вто-второ, знам зошто избега.
НЕЛА:
Зошто.
(Нешто дискретно и покажува со глава. Таа гледа во него. Не го разбира.)
ТОТО:
За се…
НЕЛА:
За што?…
ТОТО:
За секс!
НЕЛА:
А! Сигурен ли си?
ТОТО:
Су-ум ја фа-фатил на дело! (Ја гризе усната од непријатност и срам) Мама ни-ништо не знае.
(Таа го гледа со неверица)
ТОТО:
Ќе-ќе ти кажам нешто, Нела. Са-само вети ми дека нема никому да кажеш.
НЕЛА:
Ветувам, Тото.
ТОТО:
(Со болка на лицето) Ју-ју-јулка е курва! Пудла про-оститутка. Дома немам мир од кучиња. Сите џукели доаѓаат и са-само ја бараат.
НЕЛА:
Ајде, Тото, како може тоа.
ТОТО:
Мо-може. Од раз-разочарување. Она п-орано си имаше еден за ста-стално. Додуше ме-мешанец, полусетер, но-но фин. Не можам да р-речам… Ама ја на-напушти! По цел ден ц-цвилеше дома. А, е-еден ден, во нај-најголемото разочарување …
НЕЛА:
(Го гледа не трепнувајќи)
ТОТО:
…и се ка-ачи шко-шкотскиот овчар од комшијата. Овчар, замисли, Не-нела…Ма-ама беше очајна. Цее-ел ден ги грееше-ење ноотите. Како да знаеше што не чека со тоа малечко ку-ку-ку…проститу-утчке. (Скршено) Од тогаш се пушти во про-промет.
(Нела не зборува. Само седнува на клупата.)
(Сонцето заоѓа. Сцената тоне во полутемница)
НЕЛА:
Никогаш нема да се врати.
ТОТО:
Се-секогаш се враќа… Ми-мислам и пак си оди. Ку-ку-курва малечка.
НЕЛА:
Немој така, Тото. Не сакам грди зборови.
ТОТО:
Ни-ни јас, Нела.
НЕЛА:
Вие живеете сами Тото.
ТОТО:
Са-сами, ама со многу лу-луѓе.
НЕЛА:
Како тоа?
ТОТО:
Мај-мајка ми дава ча-часови по клавир. Сле-слепа е и по цел ден седи дома. Беше професорка по му-музика. С-сега е во пен-пензија.
НЕЛА:
Ти свириш на клавир, Тото?
ТОТО:
На ла-лаута.
НЕЛА:
Лаута. Тоа е многу стар инструмент.
ТОТО:
Ос-остаток од прет-претходниот живот !
НЕЛА:
(Се насмевнува и топло го погледнува) Нема претходен живот Тото. Ни нареден, само овој. Сношти ти ми го спаси животот.
ТОТО:
(Самоуверено ниша со главата) Не јас, Не-нела. Тебе ти беше така пи-пишано.
НЕЛА:
Не верувам во такви работи, Тото. Ние си ги пишуваме нашите животи. Како драматурзите своите пиеси. (Наеднаш се присетува) Види што направив за тебе.
(Од ташната вади кукла, двојник на Тото).
ТОТО:
(Воодушевено) Ее-еј, па ова сум ја-јас!
НЕЛА:
Нека ти држи среќа Тото. (Станува) Поинаку не можев да ти се заблагодарам. Сети се понекогаш на мене. Збогум, Тото.
ТОТО:
(Скокнува, силно возбуден) Че-Че…кај-кај одиш, Нела!
НЕЛА:
Дома. Да се обидам нешто да сторам од себе. Не сакам и ноќите да ме пречекуваат на оваа клупа. Знаеш Тото, можеби ќе почнам да работам. Сакам да направам една претстава. Можеби е така како што ми рече. Можеби навистина нештата ни се однапред запишани.
ТОТО:
О-одлично, Нела, са-само напред.
(Таа го покрива лицето со дланките и почнува силно да плаче. Тото го остава својот двојник на клупата и и притрчува)
ТОТО:
Ш-што е пак сега!
НЕЛА:
(Низ плач) Многу сум несреќна, Тото!
(Полека, нежно ја прегрнува; таа му се препушта, останувајќи така)
(Месечината ја менува светлината, одново се е обоено во нестварен сребрен сјај)
ТОТО:
Нормално, Нели. Ти се бориш да излезеш од кругот, а тоа ти дава сила. Треба да излезеш од черупката. И куклата на гасеницата пати додека не се претвори во пеперуга. Треба самата да ја испилиш сопствената среќа, Нели.
НЕЛА:
Колку чудно зборуваш, Тото.
ТОТО:
Сите чудно зборуваме Нели. Затоа повеќето не се разбираат меѓу себе.
(Се стемнува, како нивната прегратка да трае долго. На небото, над клупата се појавува жолтата полумесечина. Нивните силуети се во нејзиниот полукруг)
НЕЛА:
Тото, јас се те разбирам.
ТОТО:
И јас те разбирам, Нели.
НЕЛА:
За да дојдеш до среќата треба, значи, да патиш…
ТОТО:
Нормално. Се е круг. Чакра. Во претхидниот живот ти си била среќна. Си слушнала за метемпсихоза, реинкарнација и палингенезија?
НЕЛА:
Што е тоа, Тото?
ТОТО:
Бесмртност, Нели. Секој од нас еднаш веќе се родил и пак одново ќе се роди. Сите ние имаме и претходни животи. Порано ти си била среќна и пак ќе бидеш среќна.
НЕЛА:
Во идниот живот?
ТОТО:
Може и во овој, тоа никој не го знае. Се е еден круг. Еднаш си горе, потоа долу… Само што никој не знае што е горе, а што долу.
НЕЛА:
Сега сум долу. Сигурно не сум горе.
ТОТО:
Тоа е тркало, Нели. Се е едно исто. Во вртењето се губи значењето. Од несреќата може да излезе најголемата среќа. Чакрата непрекинато се движи.
НЕЛА:
(Се насмевнува) Можеш ли да ми кажеш што сум била во тој живот?
ТОТО:
(Со впечатлива убедливост) Принцеза, убавица, па кралица.
НЕЛА:
(Се насмевнува, и годи) А, ти?
ТОТО:
Јас? (Се замислува) Кловн или лудак, се уште не можам да одредам. Можеби и едното и другото, треба да видам. Во секој случај осаменик. Затоа сега имам толку пријатели. Така ми било пишано.
НЕЛА:
Да видиш? Каде да видиш?
ТОТО:
Во месечината, Нела. На полна месечината, можеш да си го видиш претходниот лик. Како на маѓепсно огледало.
НЕЛА:
Кога е полна месечина.
ТОТО:
Утре.
НЕЛИ:
(Воздивнува) Ете, и оваа ноќ ја дочекав во парков. Уморна сум Тото.
ТОТО:
Тоа е од месечинава. Ти реков, утре ќе биде полна месечина. А тоа страшно заморува. Оди сега Нели, одмори се. Сонувај убави сништа. Овој е и онака грд.
(Нели заминува. Тото се загледува по неа)
ТОТО:
Што ли си била во претходниот живот? Кукла, малечка моја. И ти отсекогаш си била обична кукла на конец.
(Го вади јажето од џебот. Го префрла преку сијалицата. Ја зема јамката в рака. Ја гледа. Ја става околу вратот, а потоа јажето го врзува и околу рака. Потоа почнува да го влече неговиот крај со другата рака – ритмично мрдајќи ја главата и врзаната рака. Како кукла на конец. Еден-двца-три, еден-два три… Еден зрак паѓа врз неговата кукла-двојник што има израз на – крик)
(Затемнување)
ЧИН ТРЕТ
(Нела седи на клупата, загледана напред и угоре, како да гледа во некоја втора, невидлива месечина. Додека, на небото, зад неа, полека се појавува вистинската, обла – полна месечина. На нејзината површина се појавуваат најразновидни сенки. Бројни лица на луѓе загледани од месечината, кон нас. Нела вознемирена, станува. )
НЕЛА: Толку ли сме многу? А јас мислев сама сум, единствено на овој свет.
Одзади се појавува куклата-двојник на Тото. Доаѓа до Нела. Ја погледнува. И Нела ја погледнува куклата. Седнува на клупата. Таа, пак застанува кај нејзиното колено и ја прегрнува.
На површината од месечината се појавува замислениот лик на Нела, на кој конечно заигрува една тажна, утешна, но видлива – насмевка. Како одблесок на самата Нела на клупата)
(Сцената се затемнува. Делумно и Месечината)
ЧИН ЧЕТВРТИ
(Тото седи на клупата. На небото свети веќе делумно затемнетата, но с# уште обла месечина. Фуриозно влегува Нела.)
НЕЛА:
Добро каде си ти? Сношти те чекав.
ТОТО:
(Отсутно) И-имав работа, Нела. А, сношти беше и по-полна месечина. Тре-треба да се избгенува пол-полната месечина.
НЕЛА:
Зошто?
ТОТО:
То-тогаш ста-станувам .
НЕЛА:
Што стануваш, Тото?
ТОТО:
Ста-станувам во сон. И ше-шетам. Малку сум ме-месечар, Нела.
НЕЛА:
Знам, Тото. Те видов. Сношти шеташе во мојот сон.
ТОТО:
(Се кикоти) Ние сме врзани, гледаш, Нела.
НЕЛА:
(Таа го загледува со чудење, а потоа…) Не треба веќе да ја бараш Јулка, Тото! (Брцнува во својата чанта и од таму вади кукла на црна пудлица) Ја направив за тебе.
ТОТО:
На-навистина, Нела?
НЕЛА:
Однеси и ја на мајка ти, сигурно ќе поверува.
ТОТО:
(Сиот е вон себе од радост) Ќе-ќе речам: “Ја-ја најдов Ју-јулија, ма-мамо. Е-еве, еве по-погалија”. А, ј-јас ќе ја мрдам. И, и ќе ла-лајам. З-знам да ја имитирам Јул-јулка. Е-еве: (невешто, речиси рецитирачки лае) “Ав-ав-ав”
НЕЛА:
(Одмавнува со глава) Не можеш подобро, Тото ?
ТОТО:
Ка-како не! (Се обидува, пак со сличен резултат) Ав-ав! Ка-кажи како ла-ла-лаам Нела?
НЕЛА:
Мораш подобро, Тото.
ТОТО:
З-зошто?
НЕЛА:
Ќе те познае. Кучињата не лаат така.
ТОТО:
Ју-ју-јулка лае. Кога се враќа од секс, са-само така лае. Ау-ау-ау! Де-демек за-задоволна е.
НЕЛА:
Не Тото. Еве, слушни како треба да лаеш. (Лае, уверливо) Ајде, пробај сега ти.
(Тото се обидува, со нешто подобар резултат. Нела го повикува да лае по неа. Така и прават. Лаат во ноќта заедно. Потоа се погледнуваат в очи. Стануваат свесни за ситуацијата. Молчат.)
НЕЛА:
А, ако мајка ти сепак открие дека ја лажеш. Нема да се лути?
ТОТО:
Не-нема врска. Да зна-занеш ко-колку само с-сум ја мафтал?
НЕЛА:
Тоа не е убаво, Тото. Јас не сакам лаги.
ТОТО:
(Прв пат е налутен) Па-па тогаш оди, најди и ја Јулка. Б-барај ја ку-кучката низ грмушкиве. А-ајде!
НЕЛА:
(Не слушајќи го) Почнав да пишувам пиеса, Тото.
ТОТО:
Е-еј, вистина ли?
НЕЛА:
Ќе се случува во една градина. Во една кралската градина. Во таа градина по цел ден шета и самува една добра принцеза.
ТОТО:
А-а убава ли е?
НЕЛА:
Н-не не е толку убава. Но многу е добра и уште повеќе тажна и осамена. Татко и , стариот крал ја гледа ќерка си како венее од тага и осаменост. Еден ден, враќајќи се во дворецот, на патот кралот среќава еден патувачки артист и го кани да ја забавува неговата тажна и осамена ќерка. Само не знае дека и тој е еден многу осамен и многу тажен артист…
ТОТО:
Е, ис-исто!
НЕЛА:
Што ?
ТОТО:
Ис-сто како нас. Препис!
НЕЛА:
(Остро го погледнува) Нема никаква врска со нас!
ТОТО:
(Уплашен, брзо) Не-не, мно-многу ми се допаѓа!
НЕЛА:
(Избувнува) Што ти е, бе, тебе! Од кај до кај препис? Од каде јас принцеза?
ТОТО:
И-и-их! Ти-ти реков, во-во претходниот живот.
НЕЛА:
… А ти артист, а ? Многу убави ролји си доделува господинот!
ТОТО:
Шу-шут! Дворски шут. Исто така порано! Ви-видов вчера. На месечината.
НЕЛА:
Јас никогаш не сум била друго освен една обична кукларка, разбираш?
ТОТО:
Си-си. Т-ти секогаш си била само обична ку-кукла …
НЕЛА:
Што дрдориш Тото!
ТОТО:
… Како мене, Нела! Тебе секогаш други те воделе. Секогаш други ќе те водат. Ние сме врзани, Нела. Ти и јас сме врзани со туѓи конци. Кукли сме, Нела.
НЕЛА:
Мене нема кој да ме врзува. Јас сум сама. Тебе те врзува мајка ти. Трчкаш по нејзиното куче низ парков по цел ден. Ти си врзан, Тото. Ти си кукла!
ТОТО:
Ја-јас не-немам ник-ник-ого, Нела!
НЕЛА:
Што?
ТОТО:
Не-мам никого!
НЕЛА:
А, мајка ти?
ТОТО:
Немам мајка. Ме нашле во овој парк. Растен сум во дом. Живеам сам.
НЕЛА:
Имаш кучка, Јулија.
ТОТО:
Ја из-измислив. И таа не по-остои.
НЕЛА:
А дом?
ТОТО:
Цк!
НЕЛА:
И не пиеш сок од боровинки?
ТОТО:
Никогаш во животот не сум пиел сок од боровинки.
НЕЛА:
(Со недоверба) И немаш пријатели.
ТОТО:
Д-два.
НЕЛА:
Кои?
ТОТО:
Т-т-твоите кукли, Нела.
НЕЛА:
(Запрепастена) Значи ме лажеше, Тото.
ТОТО:
А ти мене, Нела ?!
НЕЛА:
Јас ништо не те излажав. Се беше вистина.
ТОТО:
Него го измисли! Тој никогаш не постоел, нели е така ?
НЕЛА:
(Низ плач) Ти се расипуваш! И што ако го немаше? Можеше да го има. Човек мора некого да има. Ти си неблагодарник, Тото. Ти си гадно неблагодарен. Јас ти направив кукла и ти ја подарив. Ти направив дури кукла за мајка ти што ја немаш, а ти мене вака ми враќаш.
ТОТО:
Шт-што можам јас тука.
НЕЛА:
(Скршено) И, значи, се е лага. Нема ништо …
ТОТО:
Ништо, Нела.
НЕЛА:
… Само овој никаков, здодевен, проклето запуштен парк! (Ненадејно избувнува) Ми здодеа веќе од се. Од седење, од чекање, од неизвесност. Од овој глупав празен парк …
ТОТО:
Не-не е глупав, Нела. Ни пра-празен. Н-ние сме во него. Како во рај-рајска бавча. На-нашата Ед-еденска градина. Се поч-почнува во неа. Ка-како во прет-претставата што сакаш да ја напишеш. Таа е веќе на-напишана!
НЕЛА:
Го мразам овој парк. Ги мразам сите градини. Ако рајот изгледа вака, го мразам и рајот. Сакам да одам в пекол.
ТОТО:
(Гледа на страна… ) Ма-малку е то-топло!
НЕЛА:
Што дрдориш, бе!
ТОТО:
(… па во неа) Ми-мислам во пе-пеколот.
НЕЛА:
Таму е барем има луѓе! Знаеш зошто рајот го нарекле Еден? Зашто друг таму не среќаваш. Таму вечно остануваш сам!
ТОТО:
Ти-ти реков. Нема бе-бегање, Нела. Секоја приказна почнува тука. И твојата и мојата. Се-секоја. Сме биле протерани од рајот. Затоа постојано мечтаеме пак да се вратиме таму. А, таму сме! Се почнало во парк…во парк се и завршува. Се раѓаме и живееме само на едно место. Сите ние живееме само во една градина. Друго не ни е дадено. Џабе сакаме нешто друго. Се е само тука. Тука е рајот и пеколот. Не-нема, бегање, драга моја.
НЕЛА:
(Долго молчи, а потоа, скршено) Знаеш … направив кукла и за себе, Тото.
ТОТО:
Ви-вистина?! А, ка-како из-гледа ?
НЕЛА:
Како што ти ми рече. Нели, нема бегање Тото.
ТОТО:
Мо-можам ли да го задржам ку-кучево, Нела?
НЕЛА:
Ми се спие.
ТОТО:
Тоа е од ме-месечината.
НЕЛА:
Нели вечерва не е полна месечина?
ТОТО:
(Одново престанува да пелтечи, занесено) Вечерва ќе има помрачување на месечината! Ќе се скрие зад нашата сенка. Тука ќе е, а ќе ја нема. Ова е необична вечер, Нела!
НЕЛА:
(Уморно) Ќе си одам.
ТОТО:
Ако. Време е, Нела.
(Таа тргнува. Подзастанува. Се врти уште еднаш кон него. Тој веќе не ја забележува. Гледа во месечината, со куклата в рака. Расипаната сијалицата започнува да поттрепнува и конечно се пали. Таа заминува. Се затемнува и сцената. Сијалицата свети и конечно и таа се гаси)
ЧИН ПЕТТИ
(Сцената се одвива со кукли, наместо со живи актери. Полна месечина што нестварно ѕирка зад една гранка. Низ сцената поминува вештачкиот двојник на Јулија, седнува пред полната месечина и лае, потоа заминува. Од другата страна се појавува Принцезата – куклена двојничка на Нела. Таа оди со рацете истегнати пред себе и со спокоен, сенишен чекор на месечар. Од длабочината на сцената се појавува Шутот, двојникот на Тото, со лаута в раце. Ја здогледува заспаната Принцеза и се сепнува. Потоа нежно започнува да свири некаква тажна мелодија на својата лаута. Принцезата се буди.)
ПРИНЦЕЗАТА:
Ох! Каде сум јас?
ШУТОТ:
Во својата рајска градина принцезо.
ПРИНЦЕЗАТА:
Сигурни сте дека не сонувам?
ШУТОТ:
Во тоа никој никогаш не може да биде сигурен.
ПРИНЦЕЗАТА:
А ако е сон, што мислите чиј сон е ова? Ваш или мој?
ШУТОТ:
Ваш, принцезо. Јас често шетам низ туѓи сништа.
ПРИНЦЕЗАТА:
Јас никогаш. Јас секогаш останувам во оваа градина.
ШУТОТ:
Но, дури ако е и сон, ова е еден пријатен сон.
ПРИНЦЕЗАТА:
Извинете јас како да ве познавам од некаде.
ШУТОТ:
Можеби пак сме се сретнале на некое исто место.
ПРИНЦЕЗАТА:
Кој сте вие, поданик?
ШУТОТ:
Јас сум дворски шут. Отпуштен сум од дворот на едно далечно кралство. А вие?
ПРИНЦЕЗАТА:
Јас барам шут. Јас сум осамена принцеза. Единствената забава ми е бескрајно да шетам по оваа стара градина и да берам цветови.
ШУТОТ:
О, тоа е пријатна забава!
ПРИНЦЕЗАТА:
Да но веќе нема ниту еден цвет. Сите свенаа од здодевност.
ШУТОТ:
А можеби свенале од нешто друго?
ПРИНЦЕЗАТА:
Од здодевност шуту. Во оваа градина се се хранеше од радоста. Откако таа се изгуби, тука се насели тагата и осаменоста, и цвеќињата свенаа. Ова сега е еден опустен парк.
ШУТОТ:
О, па тука може да има работа за мене.
ПРИНЦЕЗАТА:
Може, шуту. Ве прогласувам за градинар на радоста.
ШУТОТ:
Но јас не знам ништо за растенијата. Знам само да раскажувам.
ПРИНЦЕЗАТА:
Па тогаш раскажувајте!
ШУТОТ:
Но јас знам само тажни приказни. Јас сум раскажувач на балади.
ПРИНЦЕЗАТА:
А знаете ли да пеете?
ШУТОТ:
Само тажни песни. Јас сум пејач на балади.
ПРИНЦЕЗАТА:
И никогаш не сте научиле ниту една радосна песна?
ШУТОТ:
Знаев многу. Ги заборавив сите.
ПРИНЦЕЗАТА:
Како тоа шуту?
ШУТОТ:
Се вљубив. Засакав тажна и осамена принцеза. Шут и принцеза, тоа никако не оди. Мене ме отпуштија од дворецот, а нејзината болест премина и на мене. Не знаев дека тагата и осаменоста се како болест.
ПРИНЦЕЗАТА:
Тоа е страшно, шуту. Јас никогаш не сум се вљубила.
ШУТОТ:
Има нешто уште пострашно. Таа остана осамена принцеза, а јас престанав да бидам шут.
ПРИНЦЕЗАТА:
Тогаш како мислите да ја вратите оваа градина?
ШУТОТ:
Не знам како принцезо. Можеби е подобро да си заминам и од тука.
ПРИНЦЕЗАТА:
Не, застанете. Ќе ви кажам една тајна, шуту. Оваа градина е мртва без возбуда. Порано кога имаше цветови, јас ги размножував – кинејќи некои од нив. Колку што ги кинев, повеќе процветуваа.
ПРИНЦОТ:
Чудна некоја градина.
ПРИНЦЕЗАТА:
Оваа градина расне само ако во неа се случува нешто необично. Ја гледате ли онаа грмушка? Таа беше полна со рози што си собрав јас. Из’рти кога нашиот командант го уби настојникот на нашиот дворец. А, она дрво? Имаше прекрасни, големи бели цветови. Тоа изникна кога му наредив на командантот да се убие самиот!
ШУТОТ:
Тоа е многу тажно принцезо.
ПРИНЦЕЗАТА:
Се е тажно. Нема веќе возбуди во овој запустен парк. Сторете нешто, шуту.
ШУТОТ:
А што може тука да стори еден несреќен шут?
ПРИНЦЕЗАТА:
Да и обезбеди радост на една принцеза. Ве молам, вратете го животот во овој мртов парк. Направете од него пак цветна градина. Сторете нешто, ве преколнувам. Еве, вене и моето последно цвете. Со него ќе свене и мојата последна радост.
ШУТОТ:
( Молчи, а потем ја наведнува главата) Добро, принцезо. Ќе сторам нешто, вашата радост ќе биде спасена!
ПРИНЦЕЗАТА:
О, погледајте шуту! Нешто се случува. Месечината се помрачува. Можеби тоа ќе ја спаси мојата градина!
(На небото настанува помрачување на месечината. Од зад помрачената месечина избива ореол од чудесни зраци. Тие најнапред се бојат во различни спектрални бои, а потоа одново се појавува полната тркалезна месечина. Ненадејно во паркот почнуваат да расцутуваат многу цветови. Еден цветен бршлен започнува да расне и да се обвива и на сијалицата. Принцезата започнува да се смее)
ПРИНЦЕЗАТА:
Шуту, Шуту, каде сте! Шуту, се врати мојата изгубена градина! Како го изведовте тоа, Шуту!
(На гранката зад која таа се гледа, виси обесена, црната силуета на Шутот. Принцезата се сепнува и испушта извик на изненадување, а потоа одново се врти и се воодушевува од богато расцутената градина. Одново се појавува куклата на кучето и започнува да завива на месечната пред чиј светол круг се ниша безживотното куклено тело на .Шутот . Еден зрак ја осветлува неговата лаута на земја. Од неа ‘ртат билки и цветови и почнуваат да ја обвиваат)
ПРИНЦЕЗАТА:
(Замислено) Чуден некој Шут. Не му ни наредив да стори такво нешто. (… потем каприциозно) А можеби е ова само сон! Ако е така, тогаш ова е сигурно негов сон. Тој така реши. Така му било пишано. Нема бегање. Се еднаш веќе се случило. Се почнало во една градина. Во градина се и завршува. Се еднаш во градина и ќе почне. Си бил несреќен, ќе бидеш среќен. Си бил сам. Сам и ќе бидеш!
(Светлината полека се гасне. Принцезата заминува. Останува само големата обла месечина и сенката на обесениот Шут врамена во нејзиниот нестварен сенишен круг, под кој завива куклата на изгубениот и непронајден пес)
КРАЈ