Новости

Глигор Стојковски: Тревожен вик на Томислав Османли


Во предговорот на новото дело на неуморниот Томислав Османли – „Бдеења Блажеви“, која на читателската публика и ја подарува во годината на јубилејот – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, Глигор Стојковски од ВИГ Зеница, издавач на книгата, го напиша следново:

Како толкупати во мачните времиња, а такви биле безмалку сите во жилавата живеачка, кога ќе сетел закана, а ја сеќавал дениноќ, од година во година, од поколение во поколение – народот, македонскиот народ, се засолнувал во песната. Во песната што ја пеел на својот јазик, што ја пеел или говорел, што ја говореле и младите и старите, и жените и мажите. Се засолнувал, се храбрел, опстојувал со избраните создавани во песните, ги повикувал да застанат пред суровоста, пред злото, пред бесчесноста, пред црните чуми…

Восхитувачки е тој порив, тоа истенчено чувство и за одбрана и за убавина; зашто песните, тие песни – со бескрајот само можат да се мерат!

Глигор Стојковски

Ете, како во тие, мрачни, времиња – и денес, во денешново, во ова време што не толку одамна го сметавме за идно – значи време во кое песните ќе пееја за љубовта, за полетот, за игра со деца … повторно се накрева, трепери тревожниот глас од дамнешниот пев… Се случува ли нешто? Се случува ли нешто драматично, страшно? Ни се повторува ли злата коб, уште што ја памети живото жарје, запретано во пепелта на стивнатите огништа на куќите градени со камен и со меките зборови на мајките…

Бездруго!

Во нашите сегашни живеалишта, меѓу нас, во нас – се вовира / се вовре! – нов неспокој. Ни скипна сонот – ѐ час за тревога, за будење!

Томислав Османли, од поодамна растревожен, непрекинато преку своите дела ни го пренесува својот немир, неговите сетила од поодамна ги регистрираа(т) разорните бранови под нашите нозе, на парчето земја за кое толку копнежливо и таговно пееја поетите – нашите, чии имиња сме сите ние, сите наши имиња. Тие се – или: можеби: беа!? Заминуваат ли и тие во овој виор на налудничаво поништување на сѐ што е/ што било – најчист предел на нивната свест, на честа и достоинството! На нашата свест, на нашите чест и достоинство? На сегашните.

Неспокоен, загрижен, исплашен – гневен! – Томислав Османли овојпат, на почетокот на третата деценија од дваесет и првиот – по сите книжевни текстови што ги објави по „Дваесет и првиот“ – со страста на непомирливите, на неуморните, на неотстапливите – го повикува Поетот во кого е втиснато вековното слово, и кој и самиот го втисна, самоуверено, едноставно и непогрешливо, македонскиот збор во песната проста, но строга – песната-порта од столетни дабје што треба да крепи пред (не)видливата наезда. Османли е вчудовиден од леснотијата со која се растура домот, од кусогледоста на оние кои го растураат, но и на оние го прифаќаат тоа разнебитување – таа занеменост пред разорните бранови студ и мрак му стежнува и на Поетот, на Првиот меѓу првите чиј препознатлив глас станува Новата песна, чистото ветре што треба да освежи и да оснажи.

Блаже Конески!
До 1993-та и со својата појава, со своето физичко присуство меѓу нас, со кроткиот чекор и со уште покроткиот збор со којшто поучуваше и опоменуваше, а од 1993-та со епохалното дело со години што го создаваше и што ни го остави – со песните, со Граматиката и со Историјата на македонскиот јазик, со студиите за македонскиот литературен јазик и за неговите сподвижници – Крсте Мисирков, Ѓорѓи Пулевски, Кирил Пејчиновиќ, Григор Прличев, Марко Цепенков… За Кочо Рацин!

Блаже Конески! – лирската биографија на македонскиот народ.
Се случуваше мошне често, но денес како повеќе од кога било, строгата и проста песна да се исправа пред виулиците, пред новите невремиња, пред снеможеноста… И пак – да укаже, да покаже, дури и да осуди… Стана потреба, ни стана неопходна за да подзастанеме, да се погледнеме, да се соземеме. Се говорат песните, се сознава вистината, простата и строга вистина… „’Везилка’ и ‘Тешкото’ одамна се влезени во нашата колективна меморија…“ Но и „Молитва“, песната за накажаните и болните, за пророците и пороците… за тегобната, за тажната слика на сите времиња.
И на нашево. Денес. Кај нас.
Со намножени пророци, со наталожени пороци…
Томислав Османли го вика, го буди… го разбудува во нас – Блажета Конески.

Во неговата поема, во Бдеења Блажеви, со која тој суверено влегува и во поезијата – Блаже Конески крикнува: Разбуден сум во вас! „Нашето време се карактеризира со нарасната потреба од предвидувања“ ; нашево време небаре е времето што го предвидуваше/што го предвиде Поетот, налик на ножот, наострен , веќе забоден во градите. Денес треба да се констатира, да се тргне црниот прав што (пре)долго ни го фрлаат во очи намножените „намерници и праматари“, натрапници од најдолен сој, осилени, безглаво заитани во длабоките празнини на сопственото постоење. Треба да се отстрани црната скрама за да се покаже пустошот – оној што досега се создаваше, овој сега што се создава и оној наскоро што ќе се создаде. Треба да се бдее, да бдееме – над себеси, за себе: Бдеењето Блажево нѐ повикува и обврзува. Блаже Конески нѐ повикува, несмирен и по толку есени починка, по едно столетие меѓу нас.
Томислав Османли

Томислав Османли не можел да избере посоодветен лик во поемата и посоодветен пристап – за да ги пренесе своите затемнети (прет)чувства. Блаже Конески овозможува пробивање во најдлабоките, најсуштинските национални обележја, поетскиот исказ, пак, со ритам наметнат уште во првите стихови и доследно одржан до последните, со благите метафорички преливи, со здржани да се оддели од Блаже Конески! Или како што вели самиот тој во хоризонтот на Османли – „јазикот роден/ никогаш не го давав/ од милоста негова секогаш бев воден“. Овде авторот е на трагата на она што самиот Конески го вели во есејот „За македонската литература“, имено: „Тоа е чувството на интимен допир со јазичната материја, чувството на податливост на јазикот, би рекол дури – на онаа галовност на говорот што нѐ обзема во својата полнота“ . Тие „галовност“ и „полнота“ на македонскиот јазик можеа да ги почувствуваат сите кои имаа можност да го слушаат, или, уште, подобро, да разговараат со Блаже Конески, но можат и денес и во сите идни времиња нив да ги почувствуваат во неговите студии, есеи, научни трактати, во препевите, расказите и – особено – во неговата поезија. Како да станува збор за онаа остра интуиција , синтагма со која Конески го објаснува чувството на Мисирков за менталната состојба на македонскиот народ („во превирање“), но која сосем соодветствува на неговото чувствување на јазикот. – Таква сроденост, такво единство, таква целина – нема да се повторат! И токму таа сроденост, тоа единство, таа целина – спокојно и самоуверено ги запираат „бабарите“, ги држат доволно далеку, за нив нема, тие немаат, оружје со кое ќе можат да ги поништат!

Кон таква сеопфатност тежнее и Османли во своeтo поетско дело: стварноста секогаш и секаде е комплексна, многуслојна, сложена; таква е и нашата сегашна стварност, дополнително стежната од бројните внатрешни и надворешни конвулзии, толку што отворено се наѕираат сериозни закани. За да стане сосем видлив пустинскиот пејзаж што го создава новово време, поточно: неговите сурови, сирови и кусогледи протагонисти – Османли мошне често ни ја приложува сликата на не-толку далечното кога на ова парче земја беше сѐ поинаку, кога луѓето и животот не се мереа само и само со парите и нивната моќ, редовно збогатувани и со политичкото праматарство и фарисејство, постапка што ја применува, со задоволство ја повторува и ја забогатува и во своите други дела – прозните и драмските. На Блаже Конески, симбол и на скромноста, на човечноста, на работливоста, на почитта кон другите… на редица доблести исто устремени кон висините на неговиот научен и поетски лик – тој му ги принесува тажните сцени, предизвикувајќи и кај него ист очај, ист гнев, ист вик, ист крик за будење и соземање, за освестување и запирање пред работ. Домот е толку многу растурен, искраден, веќе претворен во Содом и Гомор, „бабарите“ се безмилосни, „загадија сѐ/ и предел и душа“… Но направија уште нешто што, се чини, најмногу здоболува: иселувањето, заминувањето на младите; тие не можат да виреат во таква средина, а не можат ниту да ја изменат; тагата што го обзема Поетот е огромна, „болката силно гргна… посилно од судбината… дури и од смртта, зашто само по себе му доаѓа прашањето – „вопросот страшен“ – „колку ли по новава мразна зима / нас, господи, наскоро ќе нѐ има?“

Зима, снег и студ – е амбиентот, не особено пријатен; во него (не)свесно ги живееме драматичните закани; се чини не сме свесни ниту за студот, можеби повеќе не го ни чувствуваме, заледени во себе, заледени околу себе, препуштени на ветриштата… Но Разбудениот во нас гласно порачува: „Потомче, стапи смело….“

Повик по одважност, по будење, налик на будењето по кое повикуваше и Рацин и на кое се повикува и Блаже Конески, кој живее „во белине мугри“, повик – да не дозволи „лозјата наши/ некој друг… да ни ги крои“ и – особено – не смее „песната да ни се сотре“! – Песната со која е роден, што ја пее и говори овој народ, што ја напиша токму Блаже Конески, песната – другиот збор за убавината, восхитот, за раскошното живеалиште.

Томислав Османли во годината на стоте години од раѓањето на Блаже Конески на своите бројни читатели, на сета јавност им нуди поетски текст во кого уште еднаш, едноставно, прецизно и убедливо, ја отсликува суровоста на нашата реалност. Но, менувајќи ја формата на книжевниот израз, отвора пред себе нов простор, ја зголемува сугестивноста, ефектот е значително поголем. Ставајќи го Блаже Конески во центарот на поемата, неговата комплетна личност, ставајќи ги во неговата близина и Рацин и Миладиновци, Османли не само што не може, туку безмалку свесно настојува да се чувствуваат благи навеви од нивните песни, низ алузии, низ ритамот, низ лексиката… низ нивното чувствување на поезијата и на животот. Оттаму и благата носталгична исповед, потсетувањето и на говорот и ôдот, на питомоста и на трпкоста на виното, но пред сѐ, на мудроста, на големата животна мудрост на човекот за кого Петре Андреевски во 1993-та, на денот на заминувањето на Блаже од овој свет рече: „Дај Боже секои сто години да ни се раѓа по еден Блаже!“.

Глигор Стојковски

29 Сеп 2021

„Стрип – Деветтата уменост“

ВО ИЗДАНИЕ НА „БЕГЕМОТ“ ОД СКОПЈЕ              …

29 Сеп 2021

Поема „Бдеења Блажеви“

Во издание на „ВиГ Зеница“ деновиве излезе од печат поемата „Бдеења Блажеви“…

Post Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *